X
 25.08.2020 Спорт

Што сѐ постигна Меси во „Барселона“?

Најдобриот фудбалер на „Барселона“ и еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Лионел Меси, по сè изгледа ќе го напушти каталонскиот клуб. Изгледаше незамисливо, како да таа љубов никогаш нема да заврши, но се чини дека по цели 20 години Аргентинецот ќе си замине од „Камп Ноу“.

Меси сака да искористи клаузула во договорот и да го напушти клубот, пренесоа аргентинските медиуми, додавајќи дека фудбалерот веќе му ја соопштил одлуката на претседателот на клубот Жозеп Бартомеу. Ова предизвика земјотрес во спортскиот свет. Сега сите се прашуваат каде ќе се пресели еден од најомилените фудбалери на денешницата.

Ние решивме да погледнеме во неговата кариера во Барселона и да се потсетиме на сето она што 33-годишниот фудбалер го постигна во овој клуб.

Меси почнал да игра фудбал уште како дете и неговиот потенцијал бил набргу забележан од „Барселона“, па во 2000 година тој го напушта клубот „Њуелс Олд Бојс“ од родниот град Росарио и заминува со своето семејство во Европа.

Своето неофицијално деби во првиот тим на „Барселона“ Меси го одигра на натпреварот против „Порто“, во ноември 2003 година. Меси тогаш имаше само 16 години. Веќе во октомври 2004 година тој дебитираше на првиот официјален натпревар (против „Еспањол“) и стана третиот најмлад играч на сите времиња кои настапиле за „Барселона“, како и најмлад играч во „Ла лига“. Истата година Меси стана и најмладиот играч во историјата на „Ла лига“ кој постигнал гол. Потоа следуваат големи признанија бидејќи „Барселона“ во дебитантската сезона на Меси го освои првенството и Лигата на шампионите. Меси најмногу се пробива во сезоната 2006/07, станувајќи редовен играч во првиот тим, постигнувајќи хет-трик на Ел Класико и со тоа завршувајќи ја лигата со 14 постигнати голови во 26 натпревари од лигата.


Во однос на наградите, до името на Меси има долга листа. Во текот на својата кариера Меси повеќепати се најде на списокот на најдобрите стрелци во Европа. Во сезоната 2009/2010, тој ја доби својата прва „Златна копачка“ како најдобар стрелец во Европа, следната сезона беше втор најдобар стрелец, во октомври 2012 година вторпат ја доби „Златната копачка“, а истата награда ја освои и во сезоната 2012/2013. Потоа, во сезоните 2013/2014 и 2014/2015, тој беше втор најдобар стрелец во Европа, а во сезоната 2016/2017 ја освои четвртата „Златна копачка“.

Во февруари 2014 година, ФИФА го објави списокот на десетте најдобри фудбалери на светот на сите времиња. Притоа, Меси го зазеде седмото место како единствениот активен играч кој на списокот. Како потврда за добрите игри, на крајот од 2014 година, Меси беше номиниран меѓу тројцата кандидати за наградата „Златна топка“. Исто така, во изборот на списанието „Ворлд сокер“, со освоени 593 поени, Меси беше избран за трет најдобар фудбалер во светот за 2014 година, пласирајќи се зад Кристијано Роналдо и Мануел Ноер.

Во 2015 година, Меси беше прогласен за најдобар фудбалер на светот во изборот на ФИФА, освојувајќи 41,33% од гласовите, со што по петти пат го освои ова признание. Во 2016 година, Меси се пласираше на второто место во изборот на ФИФА за најдобар фудбалер на светот, освојувајќи 26,42% од гласовите. На 2 декември 2019 година, на церемонијата одржана во Милано, Меси по шести пат ја освои наградата „Златна топка“ за најдобар фудбалер на светот.

Дали оваа листа на лични успеси Меси ќе ја дополнува во „Барселона“ или во некој друг клуб, останува да видиме.

Извори: Novosti, Wikipedia
Насловна фотографија: Instagram (printscreen)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт