Оние што велат дека парите не можат да купат среќа можеби не ги трошат на вистински начин. Поле од бихевиоралната наука анализира како нашите одлуки за трошење влијаат врз нашата благосостојба.
Истражувањето објаснува дека парите можат да купат среќа доколку ги следите правилните принципи.
Едно утро жители на Ванкувер учествувале во експеримент спроведен од истражувачи од бизнис-школата на „Харвард“, предводени од Елизабет Дан и Мајкл Нортон. Оние што се согласиле да учествуваат во експериментот добиле коверт со 5 долари или 20 долари.
Учесниците биле прашани колку се среќни и им било наложено да ги потрошат парите до 17 часот. На половина од групата им било кажано да ги потрошат на себе, а на друга половина им било кажано да ги донираат во добротворни цели или да купат подарок или да ги потрошат на некој друг.
Вечерта секој испитаник бил телефонски контактиран од истражувачите за да каже колку бил среќен и како ги потрошил парите.
Луѓето од првата група си купиле кафе за себе од „Старбакс“, суши и обетки. Учесниците од втората група купиле играчки за помладите роднини, им ги дале парите на бездомници или купиле кафе за некој друг.
Како се чувствувале по купувањето? Излегува дека сумата на пари во ковертите воопшто не била важна. Не било важно ни што точно купиле, туку на кого ги потрошиле парите.
Фото: Pixabay
Оние што ги потрошиле парите за други луѓе на крајот од денот биле посреќни од оние што ги потрошиле за себе.
Купувајте искуства, а не работи
Милениумците честопати велат дека повеќе сакаат да трошат пари на искуства отколку на материјални работи. Истражувачите велат дека тие се во право. Голем број истражувања покажуваат дека трошењето пари на искуства нè прави посреќни отколку трошењето пари на материјални работи.
- Искуствата се голема работа во наративот на нашиот живот - вели Тома Гилович, професор по психологија на Универзитетот „Корнвел“ во Њујорк.
Раскажувањето неверојатна приказна за нас е суштинско за нашата благосостојба. Уште повеќе, развивањето вештини преку искуства ни дава задоволство.
Користете пари за да „купите време“
Велиме дека времето е пари, но размислете, да не е обратно? И покрај зголемувањето на приходите, луѓето сè повеќе чувствуваат притисок за времето, што ја поткопува нивната благосостојба, вели Ешли Виланс, професорка на бизнис-школата на „Харвард“.
Откако луѓето ќе заработат повеќе од доволно за да ги задоволат своите основни потреби, дополнителните пари не им носат поголема среќа. Професорот Виланс открил дека повеќето луѓе, вклучувајќи ги и милионерите, имаат тенденција да имаат повеќе пари отколку повеќе време.
Професор Виланс анкетирал 6.000 работници во Холандија, Данска, САД и во Канада и открил дека луѓето што трошат пари за услуги што им заштедуваат време пријавиле поголемо задоволство во нивните животи. Ова вклучувало плаќање на некој друг за извршување на работните обврски во домаќинството, како што се чистење и готвење.
Тест за личноста
Истражувачите од Универзитетот во Кембриџ побарале од 625 учесници да пополнат тест за личноста. Потоа побарале од нив да им дадат човечки карактеристики на работи на кои ги трошат парите, на пример, книги, кафе, осигурување, домашни миленици и облека.
Луѓето заклучиле дека пабовите се друштвени и малку импулсивни. Осигурувањето е резервирано и зависно. Истражувачите потоа ги анализирале банкарските трансакции на овие учесници. Тие откриле дека личноста на учесниците била слична со она што го купиле. Резултатот: „потрошувачката според личноста“ резултира во повисоко ниво на среќа. Со други зборови, екстровертните се посреќни ако добијат ваучер за бар, додека интровертните претпочитаат ваучер од книжарница.
Тајната до среќата? Трошете пари на други, дајте им приоритет на искуствата, користете пари за да купите време и трошете ги парите на начин што одговара на вашата личност и вашите вредности.