X
 01.04.2021 Наука

Во Јапонија првиот предвесник на пролетта стигна порано од кога било

Цутењето на јапонската цреша е традиционален знак за почеток на пролетта во земјата, а судејќи според цутењето, оваа година започна порано од кога било.

Според податоците од Универзитетот во Осака, сезоната во градот Кјото го достигна својот врв на 26 март, што е најрано од почетокот на следењето на оваа традиција, кое почнало пред повеќе од 1.200 години.

Според научниците, раното цветање во последните децении веројатно се должи на климатските промени.

Записите од градот Кјото, кој оваа година доживеа невообичаено топла пролет, датираат од 812 година во царските документи и дневници. Претходниот рекорд бил поставен во 1409 година, кога сезоната го достигнала својот врв на 27 март.

Цветовите, „сакура“ на јапонски, траат само неколку дена, но нивниот изглед е исклучително важен, како од економска така и од културна страна. Пријателите и семејствата се собираат под крошната, а „Инстаграм“ е преплавен со слики од ова дрво.

cresa
Фото: Instagram

- Во Кјото, записите за прославите на фестивалот на црешите, кои датираат од 9 век, ја реконструираат климата од минатото и укажуваат на локален пораст на температурата поврзан со глобалното затоплување и урбанизацијата - пишува во една статија објавена во списанието „Бајолоџикал конверзејшн“.

Јасујуки Аоно, истражувач од Универзитетот во Осака, ги следел податоците за овој феномен до 812 година.

цреши
Денот кога во Кјото цутењето на црешите го доживуваат врвот од 812 до 2021 година
Фото: ВВС

- Пребарував и собрав фенолошки податоци за датумот на цветањето на црешата од многу дневници и хроники напишани во минатото од императори, аристократи, гувернери и монаси во Кјото - пишува тој.

Фенологијата е наука за проучување на годишните времиња и периодичните биолошки настани.

Од околу 1800 година податоците покажуваат дека датумот на пикот на цутење во Кјото постепено се менува, од средината на април до почетокот на месецот. Напредокот на сезоната на цутењето на црешите се следи со посебно внимание во Јапонија, а метеоролошките служби прават прогнози за првите цвеќиња и за врвот на сезоната.

Оваа година сезоната почна во Хирошима на 11 март, осум дена порано од претходно поставениот рекорд во 2004 година.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука