Секоја пролет Јапонија ја слави сезоната на цветањето на црешите, или „сакура“. Освен преубава глетка, цветовите се и економски расадник. Оваа сезона е голем бизнис.
Во текот на неделите пред да почнат цветањето и забавите, во продавниците може да се видат безброј предмети за чија изработка биле инспирација токму цветовите - од пиво од цвет од цреша до чипс со вкус на цвет и други нешта што се совршени за пролетен пикник. Туристите масовно одат во земјата со надеж дека ќе можат да уживаат во глетката и во јапонската традиција.
Сето ова го прави точното предвидување на цветањето многу сериозна работа. Во 1951 година јапонските метеоролози почнале да се обидуваат да бидат чекор понапред од цветањето за подобро планирање. Денес „сакура зенсен“ е набљудуван настан кој се најавува со самото доближување на пролетта. Известувањата привлекуваат набљудувања од национални метеоролошки агенции, алгоритми, менаџери на паркови и 10.000 граѓански научници.
Во 2004 година компанијата „Ведрњуз“ од Чиба почна да добива помош од граѓаните што се регистрираат на страницата и апликацијата на компанијата за да бидат официјални набљудувачи на цветањето. Сега таму има 10.000 лица што се регистрирани за внимателно да гледаат локални цреши во текот на целата година и да известуваат за состојбата на пупките, испраќајќи фотографии за метеоролозите да можат да ги проучуваат. Мику Тома, портпарол на компанијата, вели дека предвидувањето на цветањето на црешите за нив би било невозможно без тој систем.
Предвидувањето на цветањето може да биде малку комплицирано бидејќи датумот кога ќе се случи тоа зависи од временските услови. Повисоките температури обично значат дека цветовите ќе се појават порано. На пример, есенва постоеше загриженост дека екстремните временски услови што предизвикаа цветање надвор од сезона може да ги уништат активностите на набљудување на сакурата.
Но, сега метеоролозите веруваат дека годинешната сакура ќе биде прекрасна како и секогаш. Од „Ведрњуз“ најавија дека иако имало цветање надвор од сезоната во октомври поради загуба на листови од ветришта и оштетување од сол од серијата тропски циклони што ја погодија Јапонија во септември, се смета дека влијанието на пролетното цветање ќе биде минимално.
Од компанијата ги истакнаа и датумите за
спектаклот. Во Токио, на пример, цветовите ќе може да се видат од 18 до 28 март. Тоа им дава период од десет дена на жителите да уживаат во убавините. На север, пак, во Хокиадо, првите цветови се очекува да се појават на 27 април.