Меѓу осумте вида птици што изумреа во текот на последните неколку години е и преубавиот син папагал кој го засакавме поради анимираниот филм „Рио“.
Сепак, сите приказни за заштита на загрозените видови завршуваат само како приказни. Тажни и поразувачки. Човекот и понатаму е само набљудувач на процесот на уништување, иако стаса и до вселената. Тоа важи и за синиот папагал, кој во цртаниот филм „Рио“ се бореше да преживее, но реалноста го закопа засекогаш. Папагалот од видот Cyanopsitta spixii беше еден од осумте вида папагали, од кои половина се од Бразил. „Брдлајф интернешнел“ ја додаде оваа птица на списокот со потврдени или многу веројатни изумирања. Како причина за исчезнувањето се наведува исчезнувањето на површини покриени со шума.
Синиот папагал е откриен во 1819 година и уште оттогаш се сметал за ретка птица. Малку луѓе имаа среќа да го видат во дивината.
Нова студија покажува дека првпат кризата од изумирање се развива на големите континенти, водена од човечкото уништување на живеалиштата. Моментално се загрозени повеќе од 26.000 вида, судејќи по последните процени. Во заробеништво сè уште живеат од 60 до 80 сини папагали.
Колку за потсетување, во анимираниот филм „Рио“ од 2011 година го следиме шармантниот папагал чие име е Блу. Тој патува илјадници милји за да ја пронајде последната женка од неговиот вид. Ја наоѓа, се заљубуваат и добиваат потомци. Среќен крај, како и обично, имаме само во филмовите.
Научниците предупредуваат дека луѓето се во процес на доведување на светот до шестиот голем бран на изумирања. Четири од осумте новоидентификувани изумирања на птици се случиле во Бразил, кој некогаш беше дом на синиот папагал. Во 1985 година три вакви птици биле пронајдени во една бразилска шума. Две биле фатени илегално и биле користени за да се продаваат како миленици, а обидите за парење на последниот мажјак беа неуспешни.
Иако постои шанса сините папагали што се во заробеништво да се парат, да ја прошират популацијата и да бидат пуштени во дивината, за многу птици нема втора шанса. Тие се исчезнати
засекогаш.