X
 26.07.2018 Забава

Ова е селото каде што живеат Попај и Олива

Ќелавиот морнар со тетоважа на котва на подлактницата и со луле во устата е анимиран лик од стриповите и серијалите на цртани филмови, познат по спанаќот што му дава невидена сила. Можеби и подобро е да се рече дека спанаќот е познат токму поради славниот Попај, чиј главен непријател е Дибек. Тие постојано се борат за наклоноста на Олива, а во сите ситуации кога му е потребна дополнителна сила, Попај посегнува по спанаќ. Штом ја земе потребната доза, неговите мускули на рацете видливо се зголемуваат и го прават непобедлив во битките со Дибек.

Освен цртаните филмови со овие ликови, снимен е и филм во кој Попај ја има главната улога. Селото во кое живее е изградено во северозападниот дел од Малта и е наречено Попај Вилиџ. Со текот на времето селото стана вистинска атракција за сите возрасти. Изградено е во 1980 година за само седум месеци, се состои од 19 куќички за чија градба биле користени дрва што се увезувале од Холандија.

Откако завршило снимањето на филмот за познатиот јунак, филмската екипа го напуштила селото, а мештаните препознале можност од селото да направат идна туристичка атракција, па дополнително ја средиле локацијата, претворајќи ја во забавен парк. Таму сега постојат музеи, игралишта, убаво уредени плажи, а селото има и своја интернет-страница.

Селото на Попај се нуди и како необично место за венчавки, но и за други видови организирани забави, како детски родендени на кои децата можат да научат за снимањето на филмот, но и да глумат во сопствен филм, кој на крајот го добиваат како подарок.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава