SCIMAGO Institutions Rankings сервисот за рангирање на високообразовни и истражувачки институции во светот, кој се базира на истражувачките резултати референцирани во индексациската база SCOPUS на Elsevier, на почетокот од оваа 2023 година ги објави резултатите за рангирањето за 2022 година.
Притоа се објавува севкупно рангирање, како и одделно според индикаторите кои ги анализира оваа ранг-листа: влијание преку истражувачки резултати, влијание преку иновации и општествено влијание. Радува податокот дека кај сите овие индикатори се забележува тренд на подобрување.
Од аспект на вкупно рангирање на 4.364 универзитети за 2022 година, УКИМ се најде на 657. место, согласно приказот на графиконот во продолжение. Се воочува тренд на подобрување, односно од 743. место за 2020, кон 727. место за 2021 и 70 места погоре за 2022 година.
Според тоа, УКИМ е рангиран помеѓу првите 38% од рангираните светски универзитети, односно во 23% од рангираните универзитети во Источна Европа, како и на прво место во Република Северна Македонија.
Дополнително, научните резултати кај секој универзитет се анализирани во 19 научни области дефинирани според SCIMAGO Institutions Ranking. За една институција да има присуство во одредена научна област, потребно е таа во последната година да надмине минимален праг на постигнати и објавени научни резултати, според критериумите на SCIMAGO Institutions Ranking. Значајно е дека УКИМ е рангиран во сите 19 научни области. Резултатите од рангирањето за 2022 година во одделните научни области, постигнати во сите 19 научни области, анализирани на светско ниво и на ниво на Источна Европа се прикажани во табелата во продолжение.
Табела 1. Рангирањата на УКИМ во 19 големи научни области според SCIMAGO
Преглед на број на публикации афилирани на УКИМ референцирани на SCOPUS
Бројот на научни публикации публикувани од академскиот кадар на УКИМ референцирани во индексациската база на SCOPUS е прикажан во продолжение. Од прегледот се согледува континуираното зголемување на бројот на научни публикации, но веруваме дека овој број може да е многу поголем според бројноста и квалитетот на научноистражувачкиот кадар.
• 668 научни публикации во 2022
• 632 научни публикации во 2021
• 618 научни публикации во 2020
• 628 научни публикации во 2019
• 592 научни публикации во 2018
• 584 научни публикации во 2017
• 558 научни публикации во 2016
• 593 научни публикации во 2015
• 538 научни публикации во 2014.