X
 02.03.2023 Живот

Шаќири очекува Владата да разгледа нов предлог за решение на дојавите за бомби во училиштата

Вчера најголем број училишта добија заканувачки пораки за поставени бомби, некои од нив првпат добија дојава и не беа подготвени да ја спроведат препораката од МОН за онлајн настава, одговори министерот Јетон Шаќири во врска со поплаки од ученици дека не можеле да се вклучат на платформата.

-Вчера беше првиот ден по првите препораки што ги добија училиштата само во Скопје. Повеќе од 90 отсто од проблемите се само во Скопје. Имаше проблеми во изведувањето на онлајн наставата и проблеми што произлегоа за родителите. Некои од училиштата не очекуваа и во претходниот период немаа дојави за бомби. Училиштата што ги добија препораките и кои пристапија со лозинките во системот, вчера немаа проблем. Некои од училиштата што вчера првпат добија дојава за бомба, за половина до еден час ги надминаа проблемите - изјави Шаќири и додаде дека МОН е против онлајн настава, но одлуката ја донеле по препораките за безбедност.

Рече дека очекува во најбрз можен рок Владата да ги дискутира сите проблеми што произлегоа - во целодневната настава, проблемите што ги имаат родителите што се вработени за да може, како што рече, да се најде нов предлог за решение по препорака на надлежни институции, со оглед на тоа што се зголемува бројот на училишта што добиваат дојави, а таргет сега се и основците, покрај средношколците. Рече и дека ќе се анализира ситуацијата, ќе се земат искуствата од други земји и ќе се разгледува електронската комуникација.

Дали се размислува сите средни училишта да преминат на онлајн настава, тој одговори дека „не е лесна одлука“ дали тоа да биде за средните во Скопје или во цела држава.

- Не брзаме да донесеме таква одлука зашто таква одлука би требало да се донесе и за основните. Затоа што вчера и денеска има повеќе дојави за основни отколку за средни училишта. На почетокот не беа таргет основците, беа само средношколците, но сега дојави има и во основните училишта, што отвора нов проблем - рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по состанок на Управниот комитет на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST).

Во однос на тоа дали ќе има последици за државната матура, Шаќири рече дека Државниот испитен центар ги презема сите чекори за таа да се организира успешно.

-Матурите ќе се организираат, формирана е работна група за сите работи за да не се остава на случајности - додаде министерот за образование и наука.

На прашање дека само државните, а не и приватните училишта добиваат дојави за бомби, Шаќири одговори дека и тој се прашува зошто „вакви лоши намери“ има само за државни установи.
Извор: МИА


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот