X
 27.11.2023 Наша тема

Додека трае новиот концепт за спојување на историјата со други предмети, професорите од Институтот за историја нема да рецензираат учебници

Бидејќи сме игнорирани во однос на нашиот став дека не го прифаќаме новиот концепт, нема ни да рецензираме учебници за нешто што е неприфатливо за нас, велат професорите по историја по изјавата на Шаќири дека материјалите за учебници пристигнале во МОН, но нема рецензенти.

Професорите од Институтот за историја не прифаќаат да ги рецензираат учебниците по историја и општество за петто и шесто одделение зашто едногласно се против новиот концепт за спојување на историјата, географијата, етиката и граѓанското општество во новата наставна програма наречена Историја и општество, велат за Факултети.мк од Институтот за историја.

„Бидејќи Институтот е против оваа концепција, и студентите и професорите, не прифаќаат да рецензираат учебници кои се насила донесени, без согласност од професорите од Институтот. Сите нас нѐ прозиваат, а како да рецензираме нешто со кое не сме согласни. Вработените не сакаат да рецензираат учебници кои не се на потребното ниво на кое треба да бидат. Никој од нас не сака да рецензира и нема да рецензира додека е тука таа концепција. Кога ќе се престане со неа, тогаш ако треба и ќе напишеме учебници и ќе рецензираме. Со оваа концепција не може да има рецензенти. Барем од кај нас не“, е ставот на Институтот за историја.

Оттаму предупредуваат да се внимава кој сѐ пишува учебници за историја и какви квалификации има зашто порано се знаело дека како автор може да се јави доктор на науки со искуство во образованието од 15 до 20 години. Според сегашниот Закон за учебници за основно и средно образование, авторот треба да има завршено најмалку високо образование од областа на која припаѓа наставниот предмет за кој е наменет учебникот и кој има најмалку десет години работно искуство како наставник или соработник во високо образование.

Деновиве министерот за образование Јетон Шаќири се пожали дека учебниците по Историја и општество за петто и шесто одделение сѐ уште ги нема во наставата зашто ракописите од авторските тимови се доставени до МОН, но не се јавуваат рецензенти на огласите.



Шаќири изјави дека досега имало три до четири огласи, но нема пријави. Министерството за образование со допис се обратило до сите соодветни факултети за да се јават професори што ќе ги рецензираат за потоа да може да продолжи наредната фаза, нивно печатење и дистрибуција.

„Но, значајно е тоа што учениците имаат подготвителни материјали за цела година, подготвени од Бирото за развој на образованието според наставната програма. Очекувам дека во наредниот период, најбрзо што може, професори ќе се вклучат како рецензенти и нивните забелешки да бидат земени предвид од Националната комисија за учебници. Затоа ги повикувам сите професори, како што се вклучија за сите други учебници што ги завршивме, да се вклучат и за учебникот по Историја и општество“, рече Шаќири.

Новиот концепт за основно образование, кој предвидува интегрирање на содржини од повеќе предмети, на пример, историја, граѓанско образование и географија во нова наставна програма, во 2020 година го најави поранешната министерка за образование Мила Царовска. Тој предизвика несогласување и револт кај повеќе наставници кои стравуваа дека ќе ги загубат работните места. Стручната јавност, пак, реагираше дека ќе настане бришење на дел од наставните содржини по диктат на Бугарија, додека надлежните се бранеа дека ова се образовани промени по теркот на Финска. Тогаш поранешната министерка рече дека никој нема да го загуби работното место, напротив, ангажманот на наставниците дури и ќе се зголеми, како и мотивацијата за работа, преку воведувањето кариерен напредок и повисоки лични примања, преку подобрување на условите за работа во училиштата и слично.

Три години подоцна несогласувањата не се надминаа, наставните предмети се споија, а учениците наместо од учебници, учат од подготвени материјали.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема