X
 01.06.2025 Живот

Овие земји ги имаат најмоќните армии во светот

Индексот за воена моќ „Глобал фајрпауер“ го објави списокот со најсилните армии во светот, откривајќи значително зајакнување на вооружените сили како последица на политичката нестабилност. САД и натаму го држат врвот, додека Русија и Кина се веднаш зад нив.

Враќањето на Доналд Трамп на власт, ескалацијата на вооружените конфликти низ светот и неизвесноста околу Украина и Блискиот Исток го поттикнаа зголемувањето на воените буџети, особено во рамките на Европската Унија. Заканите за повлекување на САД од НАТО и предупредувањата дека нема да ги штитат сојузниците кои не инвестираат доволно во одбраната имаат сериозно влијание врз новите стратегии.

Во вакви сложени времиња, дури и Германија, која по Втората светска војна инсистираше на мирољубив пристап и економски развој, започна со значајни вложувања во воената индустрија.

Индексот „Глобал фајрпауер“ ги опфаќа воените капацитети на 145 држави базирајќи се на повеќе од 60 фактори: број на активни војници, буџет, техника, воздушни и поморски капацитети, домашна индустриска поддршка, логистика и други елементи. Важно е да се напомене дека нуклеарното оружје не се зема предвид во ова рангирање.

САД, Русија и Кина на врвот

САД традиционално се на првото место, со воен буџет од 900 милијарди долари, што е поголем од буџетите на Кина и Русија заедно. Со модерна воена технологија, околу 1,3 милиони активни војници и мрежа од бази низ целиот свет, Америка располага со над 6.000 тенкови, десетици илјади оклопни возила и приближно 1.850 борбени авиони.

armija
Руските трупи во мај 2023 година/Фото: Wikipedia

На второ место се наоѓа Русија, иако нејзината реална сила е предмет на дебати. И покрај загубите во Украина и неуспехот на „специјалната операција“ да ја заврши за неколку недели, Русија останува сериозен играч со армија од околу 1,5 милион луѓе. Воената индустрија на земјата се обидува да го забрза производството на новите тенкови „армата“, но засега тие сè уште се во ограничен број.

Кина е на третото место, со амбиции да ги надмине и Русија и САД. Се шпекулира дека кинеската армија до 2027 година треба да биде подготвена за евентуално враќање на Тајван под контрола на Комунистичката партија.

Извор: Express.24sata.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот