X
 01.07.2018 Наука

Ново откритие на месечина на Сатурн ги возбуди научниците

Неодамнешното откривање на органски соединенија во гејзерите на месечината на Сатурн, Енцелад, е големо нешто за науката и перцепцијата на потенцијалниот живот во вселената.

Сами ли сме во универзумот? Ова прашање си го поставуваме уште од дамнина, додека неговиот одговор можеби лежи многу поблиску отколку што мислевме. Благодарение на податоците собрани од сондата „Касини“, научниците препознаа траги од сложени органски молекули кои наводно излегуваат од океаните на Енцелад прекриени со мраз. Тие соединенија се уште еден знак дека месечината на Сатурн ги има сите состојки за настанување на живот.

Колкави се шансите?

Научниците ширум светот, особено оние кои се заинтригирани од ксенобиологијата, тврдат дека во споредба со другите месечини во Сончевиот систем, Енцелад има најголема шанса за постоење на живот, пред сѐ бидејќи станува збор за месечина која под ледената кора има топол океан и камено јадро. Неодамнешните истражувања покажаа дека океаните на Енцелад содржат едноставни органски соединенија, минерали и молекуларен водород, кој е многу важен извор на хемиска енергија.

Неодамна објавените резултати од истражувањата посочуваат дека океанот на Енцелад исто така содржи сложени органски соединенија, додавајќи уште еден аргумент во корист на теоријата дека оваа месечина на Сатурн ги има основните хемиски услови за настанување на живот.

Скротете го ентузијазмот


Ова откритие не е конечен доказ дека на далечната месечина постои живот, но докажува дека нејзиниот океан е место каде може да настанат сложени и динамични молекули, како и хемиски реакции потребни за настанување на микроорганизми. Ова откритие беше овозможено од геофизичка појава на Енцелад: на површината на оваа месечина често настануваат пукнатини од кои кон вселената излегуваат млазови пареа и лед. На 28 ноември 2015 година „Касини“ прелета низ еден таков млаз и собра примероци.

Научниците од институтот Саутвест, Универзитетот во Хајделберг и други установи, ги разгледаа овие податоци и пронајдоа траги од големи сложени органски супстанци богати со јаглерод. Ова откритие е потврдено со споредување на спектралните линии со аналогниот експеримент спроведен на Земјата. Научниците претпоставуваат дека овие материи настануваат како резултат на хемиски реакции предизвикани од топлата вода која доаѓа во контакт со каменото јадро на Енцелад.

Фото: Tportal

Што велат научниците?

„Касини“ претходно веќе пронајде лесни органски материи кои доаѓаат од Енцелад во облик на гас и лед, но тие органски молекули беа многу помали од сложените органски соединенија кои беа пронајдени неодамна, објаснува Нозаир Каваџа, научник од Универзитетот во Хајделберг.

-Ова е првпат да откриеме толку големи и сложени органски молекули во вонземски воден свет - вели тој.

Неодамна откриените органски молекули имаат десет пати поголема атомска маса од онаа на метанот. Каваџа тврди дека сложениот органски материјал доаѓа од океанот скриен под површината и е на неговото највисоко ниво. Соединенијата исто така се хидрофобни, што значи дека водата ги одбива.

Мистериозен извор

-Наједноставното сценарио е дека овој сложен органски материјал настанува од внатрешноста на хидротерматски активното јадро и се пренесува до површината на океанот - вели Каваџа.

Тој додава дека тие не можат да одлучат дали изворот на овие материи е биолошки или геолошки, но реално и во двата случаи постои одредена шанса.

-Слични хидротермални извори има и на Земјата и има многу организми кои живеат на нив - вели тој

Енцелад, според истражувањето, содржи многу важни елементи потребни за живот и е единствениот вселенски објект покрај Земјата, кој всушност ги има.

Кристофер Мекеј, експерт за планети од НАСА, кој не бил вклучен во студијата, вели дека откритието е многу интересно, но, според него постои шанса соединенијата да не доаѓаат од морето, туку од космички извори како метеори.

-На метеорите можеме да најдеме траги од многу сложени органски материи. Ова навистина не мора да е поврзано со биологијата - истакнува Мекеј.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука