X
 01.07.2019 Наука

Апликациите за допишување се добри за нашето ментално здравје?

Академците од Универзитетот „Еџ Хил“ открија дека поминувањето време на социјалните мрежи, конкретно на „Вацап“, е добро за нашата благосостојба.

Д-р Линда Кај, постар предавач по психологија, откри дека апликациите за размена на текстуални пораки, кои на корисниците им нудат функција за групен разговор, имаат позитивно влијание врз психолошката состојба.

Истражувањето покажа дека колку повеќе време луѓето поминуваат на „Вацап“, толку се помалку осамени и нивната самодоверба е поголема како резултат на чувството на блискост со пријателите и семејството.

- Постојат многу дебати околу тоа дали поминувањето време на социјалните мрежи е лошо за нашата благосостојба, но ние откривме дека не е толку лошо колку што мислиме. Колку повеќе време луѓето поминуваат на „Вацап“, толку повеќе се чувствуваат блиску со пријателите и семејството и сметаат дека овие врски имаат добар квалитет - вели таа.

Истражувањето спроведено на 200 корисници, од кои 158 жени и 41 маж со просечна возраст од 24 години, откри дека просечната пријавена дневна употреба на „Вацап“ е околу 55 минути, со тоа што луѓето ја користат поради популарноста и групните функции за разговор.

- Истражувањето придонесува за тековните дебати во оваа област и дава конкретни докази за улогата на социјалните фактори, заедно со мотивациите за социјална поддршка за користење на комуникациската технологија. Социјалната технологија како „Вацап“ може да ги стимулира постојните односи и можностите за комуникација, а со тоа ги подобрува аспектите на позитивната благосостојба на корисникот - додава таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука