X
 01.07.2021 Образование

Предолог-законот за учебници повлечен од Собрание. Ќе оди на нова јавна расправа

Владата вчера го повлекла од Собранието Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование. Од Иницијативата „Учебници и настава мора да има“, на нивната фејсбук страна објавија допис од претседателот на Собранието, Талат Џафери, со кој ги известува дека Владата го повлекла Предлог-законот поднесен на 29 април годинава и со тоа нивното барање за „предлог-референдум за изјаснување на волјата на граѓаните е беспредметно”.

Од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека „предлогот на Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование ќе биде повторно достапен за јавна дискусија и за вклучување на оние поединци, групи и здруженија на граѓани кои не успеале досега да се произнесат и да дадат свој предлог или сугестија.

- МОН продолжува со имплементирање на планот за реформа на основното образование, согласно кој, предвидените новини се воведуваат етапно со почетокот на новата учебна година, во прво и четврто одделение. Наставата ќе се имплементира согласно новата Концепција и по нови материјали за учење кои ќе дадат подобри резултати по однос на знаењето на учениците. МОН продолжува транспарентно да информира за секој следен чекор како и досега, а воедно во креирањето на промените да дава можност за учество на сите заинтересирани чинителни, но особено на експертската јавност. Во таа насока, информираме дека предлогот на Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование ќе биде повторно достапен за јавна дискусија и за вклучување на оние поединци, групи и здруженија на граѓани кои не успеаја досега да се произнесат и да дадат свој предлог или сугестија за усвојување на најдобрата верзија во интерес на поквалитетен воспитно – образовен процес, по што конечниот текст на законот, кој ќе се креира по целосно исцрпување на придобивките од јавната дебата, ќе биде доставен во Собрание, се наведува во соопштението од Министерството, испратено до Факултети.мк.

Според МОН, во меѓувреме, врз основа на новите наставни програми, се изработуваат и нови материјали за учење.

- Како што јавноста е веќе запознаена, новите наставни програми за прво и четврто одделение се веќе усвоени и јавно достапни, со што сите дезинформации и шпекулации врзани за нивната содржина, а креирани од одредени центри, најчесто од сферата на политиката, беа целосно демантирани, исто како и лажните вести врзани за Концепцијата. Во меѓувреме, врз основа на новите наставни програми се изработуваат и нови материјали за учење, при што оние за прво одделение ќе бидат готови до крајот на јули по што ќе следи дистрибуција до училиштата, додека за четврто одделение ќе бидат готови во првата половина на август и тие ќе добијат и дигитална верзија, соопштува МОН.

Оттаму додаваат дека во постапка е набавката на 10 илјади таблети, а се набавуваат кабинети за природни науки за 265 училишта, кои се за погорните одделенија, и нагласуваат дека е важно училиштата да се подготвени за имплементацијата на реформскиот процес кој ќе се спроведува во следните 5-6 години.

По неколкуте протести против дигитализацијата на учебници, под мотото „Учебници и настава мора да има“, истоимената граѓанска иницијатива пред неколку недели почна и со собирање потписи за референдум, како дел од нивното барање за повлекување на предлог-законот. Вчера тие објавија дека собранискиот спикер Таат Џафери ги известил дека предлогот на законот повеќе не е во собраниска процедура, откако Владата го повлекла.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование