Сепак, учениците и наставниците ќе имаат некакви материјали за работа, нема да бидат без ништо, велат од Министерството за образование и наука
Новата учебна година в понеделник ќе почне без нови учебници зашто дел од нив се печатат, а дел ќе бидат откупени во текот на идниот месец и потоа ќе влезат во фаза на печатење. Сепак, учениците и наставниците ќе имаат некакви материјали за работа, нема да бидат без ништо, велат од Министерството за образование и наука. Министерот Арбер Адеми и неговите соработници апелираат до сите да бидат трпеливи, да имаат разбирање за ситуацијата бидејќи реформските процеси се комплексни, но се почнати.
Од оваа учебна година учебниците ќе ги има во слободна продажба, по иста цена по која ги набавува Министерството.
Магдалена Влаисављевиќ (лево), министерот Арбер Адеми и Вања Велева
Претставници од МОН на денешната прес-конференција најавија дека се направени корекции на 22 учебника за основно и на 2 за средно образование. Се прави ревизија на сите учебници по мајчин јазик, ќе има триесетина нови стручни учебници за средните училишта. Од годинава како втор странски јазик во основното образование ќе се учи и италијанскиот, а сите ученици од 1 до 3 одделение секоја година ќе добиваат комплетно нови учебници (не само работните книги).
- Сите коригирани книги се набавени со целосен тираж. Ова е потврда дека постои желба да направиме суштински промени за да имаме квалитетен образовен систем – рече Адеми.
Корекции се направени на следните учебници: математика (од 1. до 9. одделение), природни науки (од 1. до 6. одделение), биологија (од 7. до 9.), хемија (8. и 9. одделение) и физика (8. и 9. одделение).
Министерот Адеми на средбата со претставници на издавачки куќи, автори, членови на комисии и претставници на здруженија
Вања Велева, директорката на Педагошката служба во МОН, појасни дека измените се во согласност со Законот за учебници во основното и во средното образование, според кој се овозможени интервенции на најмногу до 30 отсто од содржината на учебниците.
- Прво почнавме со анкета низ училиштата кои ни дадоа првичен сигнал за промените што треба да се направат. Во постапка за печатење се 20 други учебници. Дел од нив се одобрени и првпат ќе бидат печатени. Навистина треба да разберете дека процесот е многу комплексен, врзан е со јавни набавки и зависи од многу надворешни фактори – појасни таа.
Магдалена Влаисављевиќ од Националната комисија за ревизија на учебниците по биологија од 7. до 9. одделение појасни дека измените најмногу се однесувале на технички и грешки во превод и појаснување на стручни поими и процеси за да можат учениците полесно да ги сфатат.
Претходно Адеми се сретна со претставници на издавачки куќи, автори, членови на комисии и претставници на здруженија на наставници кои учествуваа во измените во учебниците.