X
 19.04.2021 Наша тема

Учебниците од 4. до 9. одделение ќе бидат електронски, а наставниците може да печатат материјали за потребите на часот, објаснува Чешларов од БРО

Ако наставникот процени дека одредени вежби, задачи и тестови од материјалите за учење се потребни во печатена форма за реализација на наставен час, ќе може да ги отпечати. Како и досега, тие трошоци треба да ги планира и покрие училиштето, велат од Бирото за развој на образованието


Материјалите за учење од прво до трето одделение од септември учениците ќе ги добијат во печатена форма, а учениците од четврто до деветто одделение ќе имаат на располагање материјали за учење во електронска форма. Доколку наставникот процени дека одредени вежби, задачи и тестови од материјалите за учење се потребни во печатена форма за реализација на наставен час, ќе може да ги отпечати. Како и досега, тие трошоци треба да ги планира и покрие училиштето. Вакво објаснување дава Митко Чешларов, раководителот за наставни програми во Бирото за развој на образованието (БРО).

Во меѓувреме, Бирото објави оглас (https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2021/04/Konkurs.pdf) за автори/авторски тимови за изработка на материјали за учење согласно наставните програми за прво одделение на новото деветгодишното основно образование. Како што е наведено во огласот, од авторите се очекува да имаат искуство во пишување учебници, материјали за учење, наставни и дидактички материјали и способност да ги преточат содржините, поимите и активностите од наставните програми за прво одделение во креативни и примамливи материјали за учење, соодветни на возраста на учениците, со цел да се постигнат резултатите определени во секоја тема од наставните програми.

- Наставните материјали од четврто до деветто одделение, согласно новата концепција, ќе бидат електронски, со тенденција полека да стануваат интерактивни учебници. Тоа значи дека покрај содржините во форма на теми, лекции, ќе нудат, на пример, и тестови во електронска форма за проверка на знаењето - вели Чешларов.

Надлежните во Бирото очекуваат на огласот за илустратори и за автори на учебници да се пријават луѓе кои би изработиле висококвалитетни материјали за учење за прво одделение.

- Учебниците треба да содржат илустрации блиски на возраста на учениците. Бидејќи се на мала возраст, илустрациите и фотографиите треба да им бидат интересни. Тие во првото полугодие од првото одделение не се описменуваат, па содржините треба да им бидат прикажани, на пр., преку стрип или илустрирани приказни. Треба да се надмине досегашниот пристап во изработка на учебниците, несоодветен на возраста и на знаењата, каде што иако учениците во прво одделение не се описменуваа, содржините во учебниците беа со текст, па дури и делови наменети за наставникот, наместо во прирачник за наставникот, беа поместени во учебниците. Целта на огласот е да се поттикнат млади автори и илустратори кои ги следат трендовите за да можат да направат квалитетни и современи учебници - информира Чешларов.


Митко Чешларов

Насоките на Бирото се авторите да соработуваат, да се формираат авторски тимови од стручни лица кои ќе работат на подготовка на материјалите за учење и од ликовните илустратори/графички дизајнери, со цел да се обезбеди унифициран стил и квалитет на материјалите за учење.

Дали МОН мисли на здравјето на учениците кога најавува учење само од учебници во електронска форма?

Учениците од прво до трето одделение ќе добијат печатени учебници, но во погорните одделенија децата ќе учат од дигитални учебници. Ова ќе значи дека освен што на часовите ќе мора да гледаат во електронските учебници, и дома, кога ќе треба да учат, ќе треба да гледаат во екран. Дали некој во МОН размислувал за тоа, како тоа ќе се одрази врз физичкото и менталното здравје на децата? На ова прашање не добивме одговор од надлежните, иако е познато дека освен што може да се одрази врз видот, прекумерното гледање во екран може да доведе и до искривување на `рбетот и проблеми со менталното здравје.

- Дигитализацијата е важна придобивка. Имено, за учениците од прво до трето одделение задолжително е да се обезбедуваат хартиени учебници, и тоа за мајчин јазик, математика, општество, природни науки и англиски јазик, имајќи предвид дека првите години од воспитанието и образованието на децата се клучни за поставувањето на основите на писменост и градење однос кон книгата. Додека по другите предмети - учебниците и дидактичкиот материјал за оваа возраст можат да бидат и во дигитална форма. Учениците од четврто до деветто одделение ќе користат исклучиво учебници и наставни и дидактички материјали во дигитална форма, збогатени со мултимедијални содржини - филмови, анимации, видеоприкази, галерија на слики и задачи. Сепак, и за учениците од четврто и од погорните одделенија, кои од какви било причини нема да бидат во можност да ги користат дигиталните учебници, училиштето има обврска да ги испечати и да им ги достави - стои во одговорот од Министерството.

Иако прашавме, нема одговор ниту на прашањето дали државата ќе набави ИТ-уреди за децата од четврто до деветто одделение што немаат ниту уред ниту пристап до интернет.

- Со новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали се овозможува елиминирање на грешките во учебниците што сега постојат, преку целосна промена на постапката за изработка и одобрување на материјалите за учење и поставување повеќе филтри. Исто така, во учебниците ќе се воведат содржини на кои досега не се посветувало доволно внимание, како родова еднаквост, мултикултурализам, почитување на различностите и слично, а воедно содржината ќе се ревидира пред почетокот на секоја учебна година. По секој предмет ќе постои избор на најмногу три учебници, а кој ќе се применува во наставата, е одлука на наставничкиот колектив во секое училиште - се додава во одговорот од Министерството.

Оттаму потсетуваат дека законското решение е изготвено врз основа на целосно нов концепт за наставни и дидактички материјали и врз основа на факти од истражување на мислењето на ученици и наставници, според кое, 75 отсто од учесниците сметаат дека учебниците и наставните материјали се најприоритетна сфера на реформирање.

Насловна фотографија: Фрипик
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема