X
 01.08.2017 Наука

Ајнштајнов синдром – паметни деца со забавен говорен развој

Ајнштајновиот синдром како термин првпат го употребил професорот Томас Сауел – опишувајќи бистри, паметни и интелигентни деца со одредени јазични тешкотии, односно со забавен развој на говорот. Околу 18 проценти од децата во светот прозборуваат подоцна во споредба со своите врсници. Меѓутоа, повеќето од нив ја развиваат способноста за говор до третата година од животот. И самиот гениј Алберт Ајнштајн, според кој е именуван овој синдром, прозборувал подоцна од своите врсници. Иако бил вонредно талентирано дете, Ајнштајн не зборувал сè до петтата година од својот живот.

Обележја на синдромот


Истражувањата покажаа дека семејствата со деца што страдаат од овој синдром главно се високообразовани, а подрачјата на нивните интереси се инженерството, разни видови науки, музика. Синдромот почесто се јавува кај момчиња што имаат фотографско помнење, добра меморија, се истакнуваат во редењето сложувалки, сакаат компјутери и природни науки и одлично се снаоѓаат во простор. Исто така, повеќепати е потврдено дека децата со овој синдром имаат впечатливо развиени физички активности, подоцна почнуваат да се дружат со врсниците и потребно им е подолго време да се одвикнат од пелени. Количината на говорна продукција откако ќе прозборуваат варира од дете до дете. Кај некои деца се забележува буен проток на зборови, а некои не изговараат ниту еден збор со месеци.
 
Како треба да се однесуваме кон деца со Ајнштајнов синдром?


Експертите им советуваат на родителите на деца со АС да ги вклучуваат во многу активности. Кога детето ќе покаже интерес, треба да се подучува со букви и константно да се работи со него на вештината на читање. Исто така, се советува со нив да се разговара на многу теми затоа што се вонредно љубопитни. Потврдено е дека се изразено добри музичари, па добро е да бидат што повеќе опкружени со музика.

Што побрзо да се почне со интервенција

Ако родителот забележи одредени отстапувања во говорниот развој, треба да побара помош од логопед кој, после процената, веднаш ќе почне со јазична интервенција. Традиционалниот концепт на јазична интервенција ги подразбира како примарни субјекти – терапевтите-логопеди, а како секундарни, родителите и наставниците, за што поуспешна терапија. Самиот логопед утврдува дали постои потреба за индивидуален или групен пристап кон детето, колку временски ќе трае терапијата и дали е потребно да се вклучат и некои други профили во процената или терапијата на детето.

Авторите на некои студии заклучиле дека децата што подоцна почнуваат да зборуваат се развиваат сосема нормално, и емоционално и физички, што упатува на фактот дека говорот кој подоцна се развива кај некои деца нема влијание врз севкупниот развој и здравјето на детето. Меѓутоа, постојат и некои претходни докази за поврзаноста на забавениот говорен развој со некои други особини, како срамежливост, анксиозност и други психолошки пречки.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука