X
 14.05.2018 Живот

Смислата на животот е да го пронајдете својот дар, суштината на животот е да го подарите на другите

Смислата на животот е да го пронајдете својот дар, суштината на животот е да го подарите на другите
Пабло Пикасо

Знаев дека сакам да работам со деца, копнеев да го правам тоа. Во мојата родена земја често бев разочарана и депресивна, согледувајќи како им е дадена шанса на луѓе што не се доволно компетентни или, пак, немаат доволно љубов да го работат тоа. Еве ме денес, во туѓата земја за нецела една година како во сон, како во сказна, секој ден со моите палавковци во различни авантури. Патуваме низ светот... На момент сме на Антарктикот и сме поларни мечиња, веќе другиот ден сме пролетни цветчиња.

2
 
И така секој ден во светот на бајките, во светот на децата. Јас ги учам нив, тие мене повеќе. Јас им поставувам граници, тие ги оттргнуваат моите. Па одеднаш ќе ме збунат со спонтана прегратка, цврста и искрена, па ќе почувствувам допир кој моментално ме топи, иако се трудам да бидам авторитативна. Со веројатно еден од трите збора што умее да ги каже, веќе успева да ми ги разбуди сите сетила во мене. Ќе им ја видиш тагата во очите и ќе им кажеш: Сѐ е во ред! Помина веќе! Тоа се случува понекогаш! Залутаниот поглед им го враќаш во реалноста, дека си тука за нив, дека се грижиш, дека ги штитиш. Ќе ме сретнат спонтано во толпата и ќе ме препознаат, слушам...

Види мама… тоа е Соња! … крупните сини очи светат како отсјајот на морските бранови, препознаваат дека си тоа ти, дека сум тоа јас, таа што е таму секој ден, таа што на моменти е сѐ, таа што ги сака безусловно. Се приближувам да го поздравам, а образите веќе му поцрвенеле како пролетни јагоди. Со срамежлива и љубопитна насмевка вели: „Соња, ти не си во градинка?“ Толкувајќи дека мене местото ми е таму, дека јас постојам за да бидам во градинка. Често сакам да верувам дека им давам основа и подлога за животот и на моменти станувам свесна и согледувам дека додека јас ги упатувам нив, тие ме водат мене, секој ден сѐ појасно до себе, секој миг сѐ поблиску до смислата на животот. Легнувам и станувам со помислата „Ти благодарам Господе за сѐ! Ти благодарам што го најдов својот пат, ти благодарам што го живеам својот сон“. 

deca

П.С. Под ова небо за секој од нас има едно место, кое нѐ чека само нас, кое е создадено за нас, барајте, барајте сѐ додека не го најдете, така ќе ја запознаете животната радост и благословот да си жив и да постоиш. Секое добро, до следниот пат!

Liebe Grüße aus Wien <3
Соња Тодоровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот