X
 01.09.2021 Наука

Разликата помеѓу вакцините „Модерна“ и „Фајзер“ е во количината на антитела

Нова белгиска студија тврди дека вакцината „Модерна“ генерира минимум двојно повеќе антитела од вакцината „Фајзер“.

Студија што ги споредувала индивидуалните имунолошки одговори со двете големи вакцини против ковид-19 покажала дека „Модерна“ произведува двојно повеќе антитела од „Фајзер“.

Студијата, во која биле вклучени 2.499 белгиски здравствени работници кои биле вакцинирани со две дози, беше објавена во понеделникот во списанието „Џурнал оф д американ медикал асосиејшн“.

Истражувањето покажа дека претходно заразените учесници имале повисоко ниво на антитела од оние што не биле заразени, но вакцината на „Модерна“ била покорисна за оние што немале претходна инфекција. За оние без претходна инфекција, нивото на антитела било 2.881 единица по милилитар меѓу кандидатите на „Модерна“ и 1.108 по милилитар за оние што ја примиле вакцината „Фајзер“.

Студијата посочи неколку причини за разлики во нивоата на антитела помеѓу вакцините, вклучително и подолг интервал помеѓу дозите за вакцината „Модерна“ (4 недели) во споредба со 3 недели на „Фајзер“.

Исто така, истражувачите велат дека вакцината „Модерна“ имала повисока концентрација на клучната активна состојка што се користи во двете вакцини.

Нивото на антитела, исто така, беше негативно поврзано со возраста кај претходно незаразените учесници, а највисокото ниво на антитела беше пронајдено кај оние под 35 години, покажа студијата.

Извор: Marketwatch.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука