X
 24.05.2026 Наука

Научниците открија начин за бришење на лошите спомени: Ова може да го промени човештвото, но постои опасност

Спомените нè обликуваат, дури и кога се болни. Токму затоа научниците со години се обидуваат да откријат дали е можно трауматичните спомени да се ублажат или целосно да се избришат од човечкиот мозок. Она што до неодамна звучеше како научна фантастика, денес станува сериозна тема во невробиологијата.

Професорот по невронаука Стив Рамирез многу добро знае колку можат да бидат разорни тешките спомени. Додека работел на експерименти со меморија кај глувци, го загубил својот близок пријател и колега Ксу Лиу, кој ненадејно починал на само 37 години.

По тој настан Рамирез не успеал да избега од спомените што постојано го прогонувале. Наместо да се соочи со тагата, се обидувал да ја потисне со алкохол, што со текот на времето го довело до сериозен проблем со пиењето.

Пресвртниот момент се случил во 2021 година, кога среде работен ден сфатил дека уште наутро размислува колку алкохол може да испие, а сепак да функционира до вечерта. Набрзо следувала интервенција од семејството и пријателите, по што решил да побара помош и лекување.

Тој вели дека токму разговорите со други луѓе му помогнале да сфати колку му недостигала поврзаноста со другите по смртта на неговиот пријател.

Денес, повеќе не се обидува да ги избрише своите болни спомени. Напротив, тие станале двигател на неговата работа. А најинтересно е што истражувањата како неговите покажуваат дека еден ден можеби ќе биде можно да се промени начинот на кој мозокот ги чува трауматичните спомени.

Во последните години научниците открија дека спомените не се трајно „заклучени“ во мозокот. Секојпат кога ќе се присетиме на нешто, меморијата накратко повторно се активира и станува подложна на промени. Тој процес се нарекува реконсолидација, односно повторно активирање на меморијата и токму тогаш постои можност споменот да се ослаби, измени или емоционално поинаку да се обработи.

Првиот голем напредок се случил уште во 2009 година, кога канадски истражувачи успеале да идентификуваат мозочни клетки кај глувци поврзани со страв. Животните претходно биле научени да поврзуваат одреден звук со благ електрошок, па се вкочанувале од страв штом ќе го слушнеле.

Потоа научниците ги уништиле токму тие клетки поврзани со сеќавањето. Резултатот бил неверојатен, глувците повеќе не реагирале со страв на звукот, како споменот целосно да исчезнал.

Подоцнежните експерименти отишле уште подалеку. Рамирез и неговиот тим успеале да активираат одредени спомени со помош на светлина и кај глувци да предизвикаат реакции дури и кога немало вистинска причина за страв. Научниците потоа успеале и да ги ублажат негативните емоции поврзани со одредени спомени, така што истовремено активирале позитивни сеќавања.

Иако резултатите се импресивни, експертите предупредуваат дека примената на вакви методи кај луѓето сè уште е далеку. Директното менување на мозочните клетки се смета за премногу ризично и би можело да предизвика сериозни последици.

Поради тоа, истражувачите денес најмногу се фокусираат на неинвазивни методи што би можеле да им помогнат на луѓето што имаат трауми. Една од најпознатите методи е когнитивно-бихевиоралната терапија, преку која на пациентите им се помага да го променат начинот на кој ги доживуваат болните спомени.

Особено интересно истражување спровела професорката Емили Холмс од Универзитетот во Упсала. Таа проучувала зошто трауматичните спомени често се многу визуелни и дошла до необичен заклучок дека видеоиграта „Тетрис“ може да помогне во намалување на флешбековите.

Многу експерти сметаат дека целосното бришење на спомените не би било добра идеја. 

Спомените, дури и болните, се важен дел од идентитетот. Тие влијаат врз нашите одлуки, искуства и начинот на кој се разбираме себеси и светот околу нас.

Постојат и сериозни етички прашања. Ако некој избрише спомен од трауматичен настан, како би сведочел на суд? Како општеството би ја зачувало историјата? И дали човек без болни искуства би можел навистина да научи нешто од минатото?

Рамирез смета дека целта не треба да биде целосно бришење на спомените, туку намалување на нивната емоционална тежина.

- Можеби можеме да ги намалиме болката и стравот поврзани со споменот, а самото искуство да остане зачувано - објаснува тој.

Кога го прашале дали би ги избришал спомените за смртта на својот пријател, одговорил без двоумење: - Никогаш не сум сакал да ги избришам. Понекогаш се потребни многу години за болката да добие смисла. Верувам дека животот трае доволно долго за еден ден да сфатиме зошто и најтешките моменти ни биле важни.

Извор: Nova.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука