X
 31.01.2022 Наука

Колку долго трае заразата со омикрон?

Омикрон е сој на коронавирусот што предизвикува ковид-19 брзо да се шири низ светот, принудувајќи ги владите да ги променат своите националните стратегии во борбата против пандемијата.

Се покажа дека омикрон е многу позаразен од другите видови, со поголема способност да го избегнува имунитетот создаден со вакцините и да доведе до повторни инфекции. Но, иако бројот на заразени вртоглаво се зголеми, стапката на хоспитализација е помалку драматична.

Постојат докази дека лицата што примиле две дози од вакцината или бустер-доза имаат помала веројатност да завршат во болница или да умрат ако се заразат со оваа варијанта.

Ова доведе до тоа неколку земји, вклучително и САД и Обединетото Кралство, да го скратат периодот на изолација на пет дена, со цел да се намали бројот на луѓе што треба да отсуствуваат од работа или од училиште.

Но, Светската здравствена организација (СЗО) ги предупредува земјите да не бидат премногу самоуверени, потсетувајќи дека овој вид сè уште е „смртоносен“, особено кај невакцинираните лица.

Која е научната заднина зад новите упатства и што знаеме за начинот на кој се пренесува омикрон?

Колку време е потребно за да се појават симптомите?

Иако студијата за омикрон сè уште е премала, истражувањата посочуваат дека оваа најнова варијанта не само што може да биде поблага од претходните, туку и има пократок период на инкубација.

Инкубацијата е времето помеѓу моментот кога некој ќе се зарази со вирусот и ќе се појават првите симптоми. Во претходните варијанти на коронавирусот симптомите обично се појавуваа во рок од пет или шест дена по инфекцијата. Кај делта-сојот, на пример, се проценува дека тоа било четири дена.

Врз основа на сегашните сознанија за омикрон, се чини дека симптомите се појавуваат два до три дена по инфекцијата.

Прелиминарната студија спроведена на шест случаи на омикрон во САД, објавена во декември, покажа дека просечниот период на инкубација е три дена, во споредба со околу пет дена кај другите соеви.

- Откако некој е изложен на омикрон, вирусната репликација може да почне во рок од еден ден - вели Висенте Соријано, експерт за заразни болести на меѓународниот универзитет „Ла Риоха“ во Шпанија, за Би-би-си.

Болеста може да се открие во рок од два дена.

Колку долго е заразен некој?

Научниците веќе знаат дека луѓето што се заразиле со коронавирусот обично се позаразни во порана фаза на инфекцијата. Кај омикрон се смета дека вирусот може да се пренесе еден до два дена пред да почнат да се појавуваат симптомите и два до три дена по симптомите.

- Веруваме дека вирусот е заразен само пет дена. Со други зборови, неговата способност да зарази трае три до пет дена по позитивниот тест, кој се прави на вториот ден од инфекцијата - вели д-р Соријано.

Омикронот останува во телото околу седум дена, вели тој. Ова значи дека околу седум дена по почетокот на симптомите повеќето луѓе нема да бидат заразни ако веќе не покажуваат никакви симптоми.

- Но, ова е медицина, а не математика, па затоа треба да дадете поголема граница. Можеби за некои луѓе е малку помалку, околу три до четири дена, додека за други седум дена - вели д-р Соријано.

Соријано е сигурен дека инфекцијата со омикрон е многу побрза отколку со претходните соеви. Затоа, најдобриот начин да се зголеми сигурноста е да се направи антигенски тест (исто така, наречен и рапиден тест за брз латерален проток) за да се открие дали лицето сè уште е заразно.

- Ова се поевтини тестови и можат да откријат дали некој сè уште е заразен - вели тој.

kovid
Фото: Freepik

Кога можам да се видам со некој што имал ковид со симптоми?


Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објави упатства кои им овозможуваат на луѓето кои се позитивни на ковид да се мешаат со други луѓе по петдневна изолација, но под одредени услови.

Еве што треба да направите ако нечиј тест е позитивен, според ЦДЦ:

Доколку сте имале ковид-19 и сте имале симптоми, изолирајте се најмалку 5 дена. За да ја пресметате вашата петдневна изолација, нултиот ден е првиот ден од вашите симптоми.

Ако веќе немате симптоми или ако симптомите ви се подобрат по пет дена, можете да излезете од изолација и да го напуштите домот.

Продолжете да носите маска кога сте со други луѓе уште пет дена.

Избегнувајте патувања додека не поминат 10 дена од вашите први симптоми. Ако треба да патувате помеѓу шестиот и десеттиот ден, носете маска кога сте блиску до други луѓе за време на патувањето.

Ако имате температура, продолжете ја изолацијата дома додека не престане температурата.

Колку долго сум заразен ако немам симптоми?


Многу луѓе со ковид немаат никакви симптоми во текот на целото времетраење на инфекцијата.

- Тие треба да се однесуваат како нивната инфекција да трае онолку долго колку некој со симптоми - вели д-р Соријано.

Соријано додава дека сè уште не се знае многу за асимптоматските инфекции.

- Но, се чини дека времетраењето на инфекцијата е слично како кај луѓето со симптоми. Постојат студии за ковид спроведени на деца, кои обично немаат симптоми, а тие студии покажуваат дека нивното вирусно оптоварување, дури и без симптоми, е исто како кај возрасните со симптоми - вели д-р Соријано.

Дали може некој без симптоми да ги зарази другите?

Истражувањата покажаа дека луѓето заразени со ковид без симптоми и понатаму можат да го пренесат коронавирусот на други. Уште поголема е веројатноста да заразат други луѓе, бидејќи нема да бидат во самоизолација или да се грижат да го спречат ширењето на вирусот.

Истражување објавено во „Џама нетворк опен“ покажа дека речиси секоја четврта инфекција може да ја пренесат луѓе со асимптоматски инфекции. Се верува дека кај омикрон тоа се случува во поголем процент отколку со претходните варијанти.

Се препорачува употреба на маски особено во затворени простории, за да се намали ризикот луѓето несвесно да го шират вирусот.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука