X
 01.10.2018 Живот

Смртта на 832 луѓе во Индонезија можела да биде спречена - фалеле 100.000 долари

Индонезиската агенција за катастрофи соопшти дека бројот на жртви во земјотресот и цунамито на островот Сулавеси се искачил на 832.

Системот за рано предупредување на цунамито, кој можел да ја спречи нивната смрт, веќе со години не бил во функција бидејќи бил во фаза на тестирање.

Овој високотехнолошки систем, со сензори на морското дно и оптички кабли, бил во пробна фаза околу пет години, а требало да биде заменет со друг систем, со оглед на тоа што во земјотреси и цунами во овој регион загинале околу 250.000 луѓе во 2004 година.

Поради недостиг на 100.000 долари, колку што биле потребни за завршување на проектот, новиот систем не излегол од фаза на прототип. Ако проработи, во секој случај е доцна за средниот дел на островот Сулавези, каде што брановите се високи 6 метри и во земјотресот со јачина од 7,5 степени загинале 832 луѓе во градовите Палу и Донгала, трагично укажувајќи на слабоста на постојниот систем.

Потпретседателот на Индонезија, Јусуф Кала, предупреди дека бројот на жртви би можел да порасне на 1.000. Кала рече дека сѐ уште нема прецизни информации за жртвите во Донгали, каде што живеат 300.000 луѓе.

zemjotres
Фото: АР


Портпаролот на агенцијата изјави дека пристапот до Донгали, како и до Сиги и Бутонг, и понатаму е ограничен и нема целосни извештаи за овие области.

- Веруваме дека бројот на мртвите и понатаму ќе се зголемува бидејќи многу тела и понатаму се наоѓаат заробени под урнатините, така што е невозможно да се стигне до нив - вели тој.

Преку воени и комерцијални авиони, вклучувајќи и хеликоптери, во загрозените области е упатена хуманитарната помош. Црвен крст соопшти дека нема информации од Донгали и дека тоа доста загрижува.

- Овие бројки веќе се трагедија, но може да биде уште полошо - наведуваат од Црвениот крст.

Шефот на националната агенција за спасување изјави дека спасувачите во оваа област се упатиле со хеликоптер.

Според процените, погодената област е многу поголема отколку што првично се мислело.

Земјотресот од 7,5 степени предизвика цунами во петокот вечерта. Бранови високи и до 3 метри го погодија Палу, град на островот Сулавези. Епицентарот на земјотресот бил во близина на брегот на Сулавези, на длабочина од 10 километри. Првиот удар бил забележан петокот претпладне. Било издадено предупредување за цунами, но било укинато по еден час. Индонезиската метеоролошка агенција е под удар на критики поради оваа одлука, но официјалните лица велат дека брановите започнале додека предупредувањето сѐ уште било активно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот