Мојата приказна со Швајцарија започна уште летото 2014 година кога бев на летна школа во CERN. Тогаш се запознав подетално со швајцарскиот образовен систем и веќе наредната година аплицирав за магистерски студии, вели ИТ-инженерот Илиевски
Велешанецот Владимир Илиевски е првиот студент што се запишал на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Вели дека е еден од многуте храбри студенти што го скршија мразот и беа првата генерација студенти на денеска најпопуларниот факултет - ФИНКИ. На насоката Информатика и компјутерско инженерство (ИКИ) се запишал утрото на 29 август 2011 година.
- Нецели 4 години подоцна, на 6 јули 2015 година, под менторство на проф. Верица Бакева, се здобив со титулата дипломиран инженер по информатички науки – вели тој.
Илиевски денеска е успешен ИТ-инженер во Швајцарија.
Владимир Илиевски на работното место
Што беше пресудно за изборот на студиите?
- Траекторијата по која се движеше мојата одлука што да студирам беше многу интересна. Отсекогаш ме привлекуваа егзактните науки, особено математиката, и од рана возраст знаев дека ќе се занимавам токму со тоа. Во текот на средношколските денови редовно учествував на математички натпревари, за чии подготовки вложував многу труд и напор. Оваа инвестиција имаше позитивен исход и придонесе математиката да биде моја пасија. Поради тоа, одлучен бев да студирам или теоретска математика или теоретска физика при Природно-математичкиот факултет. Меѓутоа, поради тековните трендови во современиот свет, каде што компјутерските и телекомуникациските науки достигнуваат најголема експанзија и применетост, одлучив мојата страст за математика да ја задоволам со изучување на компјутерските науки. Бидејќи ФИНКИ беше првиот специјално наменет факултет за компјутерски науки, составен од реномирани и веќе докажани професори, заклучив дека тоа е вистинскиот избор за мене.
Во какво сеќавање Ви се студентските денови во Скопје?
- Секогаш ќе будат во мене многу драги спомени, исполнети со многу труд, напор, работа и надеж за подобро утре. Сите четири години живеев во студентскиот дом „Гоце Делчев“, каде што иако животните услови не беа најпогодни, сепак, ме оформија како силна личност и оставија огромен белег. Ако некој сакаше да ме најде, само требаше да се упати во блок А на шести кат каде што беше лоцирана читалницата во која бев постојан резидент. Покрај ова, неизоставен дел се и многуте прекрасни личности што ги запознав во текот на студирањето, дел од нив во „Гоце“, дел на факултет.
Не сте само првиот студент на ФИНКИ, туку и дипломиравте меѓу првите со просек од над 9,5. Како се постигнува овој успех?
- Бев и стипендист на ФИНКИ, така што бев ослободен од школарината. Мојата животна филозофија е дека секогаш треба да се трудиме да го дадеме најдоброто од себе во секоја ситуација, без оглед на сè. Затоа што секогаш тоа се одразува со нешто позитивно во иднина. Дополнително, како личност никогаш не сум задоволен и ми предизвикува немир ако не знам или недоволно разбирам нешто што сакам да го знам или да го разберам. Сето ова ја раѓаше мојата мотивираност и беше движечка сила во текот на студиите, па затоа никогаш не ми беше проблем, напротив, ми беше задоволство и многу забавно да учам и да се задлабочувам во дадениот материјал. На тој начин, никогаш не учев само со единствена цел да имам добри оценки, туку и за да бидам понапредна верзија од себеси. Дополнително, за таа сатисфакција да биде возможна, секогаш ги одбирав работите што навистина ме интересираат и интригираат.
Ужива во планинарење или возење велосипед низ убавата Швајцарија
По дипломирањето заминавте во Швајцарија, на магистерски студии во Лозана. Какво искуство беше учењето на Ecole polytechnique fédérale de Lausanne (EPFL)?
- Мојата приказна со Швајцарија започна уште летото 2014 година кога бев на летна школа во CERN. Тогаш се запознав подетално со швајцарскиот образовен систем и веќе наредната година аплицирав за магистерски студии. На мое огромно задоволство, покрај тоа што бев примен, добив и еден вид стипендија од EPFL, што значеше зелено светло и беше единствениот ресурс за финансирање на моите студии. Стипендијата се состоеше од тоа што три семестри работев парцијално во лабораторијата RiSD (Rigorous System Design), предводена од реномираниот професор Јозеф Сифакис, добитник на наградата „Алан Туринг“. Паралелно со тоа следев висококвалитетна настава во предметите поврзани со вештачка интелигенција. По завршувањето на регуларниот дел од студиите бев на шестмесечна пракса во главното седиште на тутунскиот гигант „Филип Морис“, за подоцна да ја изработам финалната мастер-теза со уште еден шестмесечен ангажман во швајцарскиот национален телеком-оператор „Свиском“. На тој начин направив подолги мастер-студии кои беа комбинација од теорија и пракса, што придонесе да стекнам доволно искуство за да излезам на пазарот на трудот поподготвен и покомпетитивен.
Кои се силните страни на високото образование во Швајцарија?
- Сметам дека образованието е олицетворение и најзначаен столб на една држава. Токму поради врвниот високообразовен систем, Швајцарија е толку успешна земја и ќе објаснам зошто во продолжение. Како референција ќе ги земам двата федерални институти за технологија во Лозана и во Цирих (EPFL и ETHZ соодветно), кои се едни од најголемите адути што Швајцарија ги поседува. Овие институции претставуваат најголем генератор на современи технологии и иновации што ја туркаат Швајцарија напред и ја ставаат на фронтот од современието правејќи ја компетитивна со остатокот од светот. Сето тоа се должи на неуморната заложба втемелена во образовниот систем. Како прво, EPFL има годишен буџет од речиси 1 милијарда швајцарски франци, додека ETHZ има годишен буџет од околу 1,6 милијарда швајцарски франци, што им дава огромна моќ во научноистражувачката дејност. На тој начин, покрај престижните додипломски и магистерски студии, најзначајна алка се високо интернационализираните и добро поддржани докторски студии и целокупниот екосистем развиен околу нив.
Владимир во Лозана
Резултатот од повеќегодишната работа на еден докторанд, што може да биде многу специфична технологија, може многу едноставно да се стави на пазарот со помош на бирото за трансфер на технологија, многуте фондови, веќе изградената инфраструктура од иновациони паркови, како и високата репутација на универзитетите. Секако, оваа технологија во голем дел од случаите наоѓа примена и во веќе формираните и големи компании.
Токму ова е една од главните причини зошто швајцарското образование е второрангирано (веднаш по американското) на светски глобални рамки за 2018 година според Universitas 21. Дополнително според една студија на ETH-одборот, секој франк вложен во ETH-доменот се враќа назад петкратно и секоја креирана работна позиција отвора уште пет други, на тој начин генерирајќи 13 милијарди швајцарски франци вредност и 100.000 работни позиции во многу различни технолошки области. Сега, помножете го ова со останатите, исто така многу добро рангирани швајцарски универзитети (како UNIGE, UNIL, UZH).
За жал, во Македонија многу малку од ова постои, единствено солидните и добро дефинирани додипломски студии, кои не се доволни за едно високо образование да биде комплетно.
Какви можности за истражување нуди оваа престижна високообразовна институција?
- Иако не сум доволно компетентен и искусен да зборувам за ова, бидејќи бев само мастер-студент, сепак ќе го изразам своето мислење. Како што напоменав претходно, можностите за истражување се големи бидејќи во секој случај се многу добро поддржани. Кога велам поддржани, мислам на целокупната опрема за изведување на еден експеримент (замислете што сè не му треба на еден микробиолог). Меѓутоа, добрата финансиска поддршка не е главната состојка за добро истражување, пари без добар кадар и обратно не оди заедно. Професорите и научниците на EPFL се многу исклучителни личности, луѓе од светски размери, полни со искуство, идеи и конекции насекаде во светот. На тој начин, студентите примени на EPFL, кои се доста добри, оркестрирани од овие професори и научници, ги разработуваат и ги туркаат напред нивните иновативни идеи.
Факт е дека младите од Македонија што студираат технички науки, особено од ИТ-секторот, имаат големи можности да заминат надвор. Што Ве натера Вас да заминете?
- Во денешниот свет големи се можностите за секого, само сè е прашање на добра и силна волја. Под технологија не спаѓа само ИТ, технологијата е множество од многу различни области како: машинско, електротехничко, хемиско, финансиско и биоинженерство, потоа микро и нанотехнологии, роботика, енергетика, па сѐ до интердисциплинарни области, како на пример, спојот на медицината со технологијата (MedTech). Бидејќи напредокот на современото општество најмногу зависи од технологијата, интересот е голем, па затоа има бесконечно можности што можат да се искористат.
Причината за моето заминување. ни помалку ни повеќе. е прашање на животен стил кој доаѓа со своја цена. На крајот од денот, сите ние се разликуваме по одлуките што сме ги направиле. Јас сум личност склона на предизвици, па преминувањето од локални на поглобални рамки отсекогаш ми претставуваше предизвик. Сакав да се надградувам професионално на интернационално ниво затоа што сметам дека интернационалното искуство е непроценливо богатство за еден млад интелектуалец. Уште како средношколец имав голема желба да студирам во странство на некој од стоте најдобри универзитети во светот, но во тој момент тоа не беше возможно. Затоа, уште при започнувањето на студиите на ФИНКИ работев на остварување на планот да изградам интернационална кариера.
Останавте во Швајцарија и по магистрирањето. Во каква компанија работите и кои Ви се работните предизвици во моментот?
- По целиот труд, напор и жртва што ја направив, логично ми беше да останам и да барам работа тука, иако тоа и не е така едноставно поради жестоката конкуренција и особено за non-EU резиденти. Работам во една мала до средна иновативна компанија наречена iGenius, базирана во кантонот Вале, а со главно седиште во Милано. Работната позиција ми е во полето на обработка на природни јазици (Natural Language Processing) со акцент на дијалог-системи, кои се развиваат со примена на алгоритмите од вештачката интелигенција и машинското учење. Тоа претставува една многу предизвикувачка област затоа што не е ни најмалку лесно да се продуцираат дијалог-системи вклучувајќи ги сите компоненти од препознавање на говор преку резонирање, па сѐ до генерирање човечки говор.
Швајцарија е една од земјите што се издвојуваат по квалитетот на живот што го имаат граѓаните. Колку сте задоволни од животот таму, како Ви поминуваат деновите кога не работите?
- Несомнено Швајцарија нуди одлични услови за живот, што е една многу опширна тема за дискусија. Затоа, ќе се концентрирам само на она што е поврзано со моето хоби и ми овозможува да уживам максимално во работите што ги сакам. Во слободно време или планинарам или возам велосипед, а Швајцарија поседува една од најдобрите патни инфраструктури во светот. Со железничка линија од вкупно 6.600 километри, највисоката железничка станица во Европа, Јунгфраујох на надморска височина од 3.454 метри, долги тунели низ Алпите, меѓу кои и најдолгиот тунел во светот Готхард (со должина од 57 километри), па сѐ до автобуси, феникулари, жичници и бродови, може да се стигне буквално до секое место и да се продолжи со планинарење или возење велосипед. Дополнително, поддршката за градење и одржување на планинските и пешачките патеки е дефинирана во швајцарскиот устав, а многу наскоро истото ќе се случи и за велосипедските патеки.
Што најмногу Ви недостига од Македонија?
- Она што најмногу ми недостига, пред сè, се фамилијата и добрите пријатели. Исто така, ми недостига и македонската традиционална кујна.