X
 06.06.2016 Економија

Зошто не успеа референдумот во Швајцарија?

Швајцарците беа на референдум за основна плата за секој жител во земјата, но тие го одбија овој предлог по одржана дебата за иднината на работата во време на зголемена автоматизација.


Поддржувачите на идејата сметаат дека месечен надомест од 2.500 швајцарски франци за возрасните и 625 франци за децата под 18 години без разлика колку работат го промовира човековото достоинство и јавните услуги.

Од друга страна, оние кои не се согласија со идејата, вклучувајќи ја и владата, сметаат дека тоа би чинело премногу и би ја ослабело економијата. Конечните резултати од референдумот покажуваат дека 76,9% од гласачите не се согласуваат во воведувањето на задолжителен надомест.

Инаку, овој социјален експеримент бил идеја на Даниел Хени, сопственик на кафуле во Базел. Тој го признал поразот, но сметал дека добил морална победа.

- Кога го гледам интересот кај медиумите, исто така и во странство, велам дека започнуваме тренд - вели тој.

Конзервативната Швајцарија беше првата земја која имаше национален референдум за задолжителен месечен надомест за секој граѓанин, но други земји, како Финска, размислуваат за слични планови како што светот станува место каде што роботите ги заменуваат луѓето во работата.

Жителите кои беа за воведување на надоместот одржаа повеќе акции во Цирих, како марш облечени како роботи и поставување постер на кој пишува: „Што би правеле ако вашата заработка беше загарантирана?“

- Јас гласав за бидејќи парите навистина немаат место во светот и се поврзани со игрите за моќ. Но не сум изненаден дека предлогот беше одбиен, светот се` уште не е подготвен за тоа - вели Рони Леман (37).

Мелани е жителка која гласала против.

- Мислам дека е вистинска опасност луѓето да не се чувствуваат одговорни повеќе за да се грижат за оние кои не можат да успеат самите кога би добивале надомест - вели таа.

Владата предупреди пред референдумот дека прифаќањето на иницијативата би било штетно за компетитивноста на компанијата и би водело до повисоки даноци. Невработеноста во земјата изнесува само 3,5%.

Министерот за внатрешни работи, Алаин Берсет, изјавил дека резултатите покажале дека швајцарските гласачи го поддржуваат економскиот и социјален систем во моментов и дека тој систем функционира добро.

Владата процени дека предлогот би чинел 208 милијарди франци годишно, со што економијата би ослабела и луѓето би биле обесхрабрени да работат. Во Швајцарија, луѓето кои не можат да платат за живот веќе добиваат надомест. Според податоци од 2014, помалку од 7% од жителите живеат во сиромаштија.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија