Малиот канарски остров Ла Палма е поголем за 10 хектари поради лавата што излегува по ерупцијата на вулканот.
Вулканот на планинскиот венец Кумбре Вијеха почна да еруптира на 19 септември, првпат по 50 години. Во вторникот лавата стигнала до морето, спуштајќи се најмалку 100 метри надолу по стрмниот брег и испуштајќи отровна пареа.
По контактот со Атлантскиот Океан, лавата, која има температура од околу 1.000 Целзиусови степени, почнала да се скаменува и веќе формирала мал полуостров широк околу 500 метри, кој се гледа во видео објавено на „Твитер“ од истражувачкиот институт ЦСИЦ.
Температурата на океанот изнесува 20 степени, а не е сигурно дали отровните гасови што се ослободуваат се опасни за здравјето на жителите бидејќи некои експерти претпоставуваат дека тие ќе бидат однесени од силниот ветар кон морето. Сепак, бил воведен полициски час во близина на ерупцијата.
Вулканолозите нагласуваат дека течењето на лавата во морето ја ублажува ситуацијата на островот бидејќи го намалува ризикот од ширење на лавата на копното. Досега се уништени и оштетени околу 800 објекти на островот, а најмногу од нив се куќи.
Авионскиот сообраќај, кој беше паузиран поради ерупцијата, повторно функционира.
Извор:
Avaz
Фото: Twitter/Printscreen