Канарските Острови во Шпанија се наоѓаат на околу 1.200 километри од европското копно. Но мигранти од Западна Африка сè почесто си го ризикуваат животот за да стигнат до архипелагот, кој е популарна туристичка атракција.
Според податоци од шпанската влада, на островите пристигнале повеќе мигранти во првите две недели од ноември (5.275) отколку во последните четири години. Годинава на островите се доселиле 16.950 мигранти. Досега
годинава починале или се исчезнати над 250 луѓе кои се обиделе да стигнат до островите преку водата.
Според експертите, има повеќе фактори што стојат зад приливот на мигранти, меѓу другото, ограничувањата на другите правци кон Европа преку Мароко и Либија. Некои велат дека економските проблеми поради коронавирусот, конфликтите и подобрените услови за едрење стојат зад порастот на бројките.
Фото: Pexels
Џудит Сандерланд, вршител на должноста заменик-директор на одделот за Европа и Централна Азија на невладината организација „Хјуман рајтс воч“, објаснува дека Шпанија во соработка со Мароко се обидува да ја спречи миграцијата, особено преку Гибралтарскиот Проток, па затоа многумина што би оделе по овој пат сега се свртеле кон патот преку Канарските Острови. Луѓето што се платени да им помагаат на мигрантите секогаш ќе бараат различни патишта, додава таа.
Иако присуството на големиот број мигранти предизвикува проблеми за локалното население на островите, Сандерланд вели дека за многумина, архипелагот ќе претставува само привремено живеалиште на патот до Шпанија и остатокот на Европа.
Во моментов властите ги удомуваат мигрантите во кампови, а многумина се сместени во хотели кои се празни поради пандемијата.
Автор: Милагрос Костабел
Извор:
euronews.com