Не сакаат сите да бидат исплашени - но на некои стравот им го покачува адреналинот, ги возбудува и ги тера да бараат повеќе.
Хорор-филмовите продолжуваат да ги привлекуваат луѓето - во 2017 година филмот „It“ заработил 700 милиони долари на киноблагајните, а една година подоцна „Ноќ на вештерките“ заработи 128 долари за помалку од 2 недели.
Зошто публиката троши пари и време за да биде исплашена?
- Станува збор за зависност од адреналин - вели еден обожавател на хорор-филмови.
- Емоцијата што ја добиваш од филмот, возбудата. Не секој ден го доживуваш чувството на страв - вели друга обожавателка на хорор-филмовите.
- Вклучени се морниците. Овие филмови ви ги креваат влакната на грбот. Токму оттука доаѓа зборот „хорор“, што значи накострешување, кревање на влакната на нашиот врат - објаснува д-р Тим Грувс, предавач на Универзитетот „Викторија“ во Велингтон.
Тој вели дека не станува збор само за адреналинот. Според него, хорор-филмовите, на еден чуден начин, се безбедни.
- Имате лиценца за да бидете исплашени. Има нешто во врска со тоа да бидете во безбедна средина и да доживеете работи што обично не би сакале да ги доживеете во реалниот живот - вели Грувс и додава дека хорор-филмовите ги одразуваат вредностите на нивното време - „Егзорцист“ во 70-тите години бил поврзан со суеверијата, додека „Тексашки масакр со моторна пила“ ја истакнува тортурата во американската војна на теророт.
- Хоророт ги привлекува насловните страници во медиумите. И токму со тоа се туркаат границите - вели тој.
Поради тоа, стандардите за она што публиката го смета за страшно се развивале низ времето, што значи дека можат да исчезнат. Затоа, креаторите на филмовите мора да бидат во чекор со трендовите.
- Кога ќе го погледнеме „Дракула“ од 1931 година, сметаме дека филмот повеќе не е страшен. Всушност, за повеќето од нас е смешен - вели д-р Грувс.
Затоа, ако идејата да одите да го гледате „Калуѓерката“ ве
преплашува - не грижете се, за неколку години ќе дојде нешто многу полошо.