X
 07.02.2019 Живот

„Пиксар“ испраќа моќна порака во новиот краток филм

„Пиксар“ го објави првиот анимиран краток филм како дел од програмата „Спаркшортс“. 8-минутниот анимиран филм го следи клопчето волница наречена Пурл на нејзиното ново работно место во кое доминираат мажи. Филмот го актуализира проблемот на родова еднаквост на работното место.

Дискусијата за оваа актуелна тема доаѓа во вистинско време за студиото, во пресрет на движењето #MeToo и скандалот поврзан со поранешниот директор на студиото, Џон Ласетер, кој неодамна беше отпуштен поради сексуално вознемирување и обвинувања за несоодветно однесување.

Филмот е дело на писателката и режисерка Кристен Лестер, која вели дека филмот е базиран на нејзините искуства работејќи во анимација.

- Кога првпат добив работа, бев единствената жена во собата. За да го работам она што го сакам, на некој начин станав дел од момците. Потоа дојдов во „Пиксар“ и првпат почнав да работам во тимови со жени. Тоа ме натера да сфатам колкав дел од женскиот аспект во мене го потиснав и го оставив зад себе - вели таа.

Во филмот, Пурл се соочува со слични предизвици како Лестер кога таа почнува да работи во „Б.Р.О. Кепитал“, брзорастечка компанија ориентирана кон мажите.

Описот на филмот гласи: - Работите почнуваат да се разоткриваат додека таа се обидува да се вклопи во оваа тесно поврзана група. Пурл мора да се запраша себеси дали е подготвена да оди далеку за да го прифати она што го сака и на крајот, дали тоа вреди?

Целта на проектот „Спаркшортс“ е да ги истакне аниматорите артисти на студиото.

- Програмата е дизајнирана да открие нови раскажувачи на приказни, да истражува нови техники и да експериментира со нови производни работни процеси. Овие филмови се нешто што досега не сме го правеле во „Пиксар“ и даваат можност да се открие потенцијалот на индивидуалните уметници и нивните инвентивни филмски пристапи во помал обем - велат од „Пиксар“.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот