X
 01.11.2020 Живот

Оваа компанија сака да го промени начинот на кој пиеме кафе

Стартап-компанијата „Кометер“, составена од хемичари и инженери обучени на Институтот за технологија во Масачусетс, измисли нов начин на пиење кафе од вашите омилени брендови.

Кафето пристигнува во вашиот дом во форма на замрзнати плочки, спакувани во сув мраз, кои може да ги ставите во фрижидерот. Кога сте подготвени да го пиете кафето, ја ставате плочката во вашата шолја, ја полните со врела вода и кафето е готово.

Компанијата ветува дека се задржуваат сите сложени вкусови на зрната кафе, како да го сварил експерт за кафе.

„Кометер“ е најновата компанија во растечката индустрија за кафе, за која се проценува дека ќе вреди 85 милијарди долари за пет години. Има десетици специјалисти за печење кафе кои внимателно прибираат зрна и ги печат за да го истакнат нивниот вкус: искусно лице знае како да ги меле зрнцата до соодветна финост, а потоа да ја приспособи температурата на водата за да ги извлече вистинските вкусови, техники што се непознати за еден просечен љубител на кафето. „Кометер“ има цел да испорача кафе што е веќе прецизно измелено и сварено, а потоа замрзнато за да се зачуваат совршениот вкус и арома.

1

- Најдоброто кафе има повеќе компоненти на вкус отколку најдобрата чаша вино. Но, многу од тие компоненти не влегуваат во чашата на потрошувачот. Сè додека не влегов во светот на кафето, мислев дека станува збор само за горчлива основа за мојот крем и шеќер - вели Метју Робертс, основач и директор на „Кометер“.

- Честопати е вистинско откритие кога некој првпат ќе вкуси добро кафе. Млекото и шеќерот го маскираат вкусот на кафето. Но, штом еднаш ќе почнат да ги ценат вкусните содржини на зрното, многу луѓе сакаат да го пијат без никаков додаток - вели Џорџ Ховел, еден од најпознатите американски специјалисти за печење кафе и советник на „Кометер“.

2

Обучен како компјутерски научник, Робертс ја почнал кариерата работејќи во софтверска фирма. Можеби изгледа како несоодветна основа за еден претприемач на кафе, но е прилично корисно. Во последните пет години тој бил фокусиран на создавање машинерија што ќе го трансформира печеното зрно во плочка. Додека ја истражувал хемијата на кафето, одлучил дека најдобриот начин за зачувување на комплексноста на вкусот е со блиц-замрзнување - брзо замрзнување на екстремно ниска температура, слично како кога овошјето се замрзнува кога е на врвот од неговата свежина. Тој верува дека други методи, како дехидрирање или пакување во шише, ќе резултираат со губење на некои компоненти на вкусот.

- Ние сме технолошка компанија во индустријата за кафе. Ние сме платформа што им овозможува на независните земјоделци и специјалистите за печење да го споделуваат својот занает, отклучувајќи го целосниот вкус на кафето - вели тој.

3

Робертс изнајмил научници и го донел Хауел како советник. Така тимот создал машинерија што меле, вари, замрзнува и пакува кафе во плочки. Свежо печено зрно кафе пристигнува во фабриката „Кометер“ во Масачусетс. Зрната потоа прецизно се мелат во честички што ги оптимизираат вкусот и аромата. Потоа тие го приготвуваат кафето во течен екстракт кој е замрзнат во азот на -196  Целзиусови степени за да ги заклучи вкусовите. Потоа плочките се испраќаат до клиентот во алуминиумски капсули.

По употребата капсулите можат да се рециклираат. Но, иако „Кометер“ има цел да донесе вкусно кафе до повеќе луѓе, овој пристап има еколошка цена, особено кога ќе се спореди со купување вреќа со зрна. Капсулите мора да се испраќаат до потрошувачот во кутии со сув мраз, процес што доаѓа со јаглероден отпечаток. Откако клиентите ќе сварат шолја кафе, идеално би било да ги рециклираат капсулите, но не постои гаранција дека ќе го направат тоа.

„Кометер“ се надева дека со текот на времето ќе ја прошири локацијата на компанијата, вклучувајќи и продавници за храна.

Извор: Fastcompany.com
Фотографии Cometeer
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот