X
 07.02.2024 Живот

Добила отказ зашто не сакала да се пензионира, сега компанијата мора да ѝ плати отштета од над 100.000 долари

Поранешна вработена треба да добие 105.000 долари заостанати плати и отштета откако компанијата каде што работела 20 години ја отпуштила откако одбила да се пензионира, на 65 години, според американската Комисија за еднакви можности за вработување.

Во тужбата за дискриминација поднесена од федералната агенција се вели дека „Џеј&Ем индустрис“, компанија за производство и дистрибуција во Луизијана, ги прекршила федералните закони за дискриминација врз основа на возраст со отпуштање на вработената.

Законот за дискриминација врз основа на возраст при вработување забранува дискриминација на лица на возраст од 40 или повеќе години.

Во соопштение во кое се наведува пресудата, Комисијата изјави дека менаџерот на компанијата постојано ја прашувал вработената за нејзините планови за пензионирање како што се наближувал нејзиниот 65. роденден. Менаџерот директно ја прашал: „Кога ќе се пензионираш? Зошто не се пензионираш на 65 години и која е причината што не се пензионираш?“

Кога кажала дека нема планови да се пензионира, компанијата ја информирала дека нејзината улога како агент за набавка била отстранета поради економска несигурност. Но, Комисијата вели дека компанијата вработила помлад човек за истата работна позиција.

Компанијата негирала дека ја отпуштила вработената поради нејзината возраст, велејќи дека нејзината замена има пошироки и позначајни должности од неа.

На крај компанијата се согласила да ѝ исплати 105.000 долари отштета на поранешната работничка, да обезбеди обука, да ги ревидира политиките и да праќа редовни извештаи до Комисијата.

Извор: Business Insider
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот