Ерата на диносаурусите завршила пред 66 милиони години кога астероид со големина на град удрил во близина на брегот на денешно Мексико.
Но, како точно се одвивало масовното истребување на 75 отсто од видовите на Земјата во годините што следувале по тој удар, останало нејасно.
Претходните истражувања посочуваа дека сулфурот ослободен при ударот оставил кратер широк 180 километри, додека саѓите од шумските пожари предизвикале глобална зима, а температурите паднале.
Но, ново истражување објавено во списанието „Нејчр џиосајнс“ посочува дека ситната прашина предизвикана од прашеста карпа фрлена во атмосферата на Земјата, како последица на ударот, најверојатно одиграла поголема улога. Оваа прашина го блокирала сонцето до тој степен што растенијата две години по ударот не биле во можност да вршат фотосинтеза, биолошки процес клучен за животот.
- Неможноста да се реализира фотосинтезата речиси две години по ударот предизвикала сериозни предизвици за животот на Земјата - вели водечкиот автор на истражувањето и планетарен научник Џем Берк Сенел, постдокторски истражувач во Кралската опсерваторија во Белгија.
- Тоа ја нарушило прехранбената мрежа, создавајќи вержина реакција на изумирање - додава тој.
За да стигнат до своите наоди, научниците развиле компјутерски модел за симулирање на глобалната клима по ударот на астероидот. Моделот се базира на објавени информации за климата на Земјата во тој момент, како и нови податоци од примероци од седимент земени од фосилниот локалитет Танис во Северна Дакота.
Овој локалитет дава уникатен запис за она што било можеби најзначајниот настан во историјата на животот на нашата планета. Научниците пронашле фосилизирани риби со чија помош било откриено дека астероидот удрил на полуостровот Јукатан во Мексико. Други фосили пронајдени таму со невидени детали покажуваат како се одвивал катастрофалниот ден.
Примерокот од локацијата, анализиран за новото истражување, содржел силикатни честички од прашина кои се нашле во атмосферата во облак пред да се вратат на Земјата. Тимот утврдил дека оваа фина прашина можела да остане во атмосферата до 15 години по ударот на астероидот. Истражувачите сугерираат дека глобалната клима можеби се оладила за 15 Целзиусови степени.
- Долго време се претпоставуваше дека главниот механизам за убивање бил екстремниот студ по создавањето на кратерот Чиксулуб, но секако прекинот на фотосинтезата по ударот е самиот механизам - вели Сенел.
- Во рок од неколку недели, месеци (по ударот), планетата претрпела глобално „исклучување“ на фотосинтезата, што продолжило речиси две години. Во текот на овие две години фотосинтезата целосно исчезнала. Потоа почнала да се враќа, па во рок од три до четири години фотосинтезата целосно закрепнала - додава Сенел.
Мистерии околу масовното истребување
Сенел вели дека моделот открил дека исклучувањето на фотосинтезата е директно поврзано со фината прашина исфрлена во атмосферата што го блокирала сонцето.
Палеонтологот Алфио Алесандро Кјаренца рече дека истражувањето помогнало да се откријат некои од мистериите околу настанот на масовното истребување.
- Главната предност на овој труд е тоа што обезбедува попрецизни ограничувања за составот, својствата и времетраењето на компонентата од ситна прашина исфрлена од местото на ударот, што придонесе за глобалниот мрак при ударот. Оваа нова информација ни овозможува поригорозно да ги истражиме процесите и времетраењето, расветлувајќи ги механизмите зад блокирањето на сончевото зрачење, што резултира со исклучување на фотосинтезата и значителен пад на температурите под условите погодни за живот, на пример, за диносаурусите кои не се птици - рече Кјаренца, научен соработник на Универзитетот во Виго, Шпанија.
Извор:
CNN
Фото: Freepik