X
 01.12.2017 Живот

Како самите се доведуваме до неуспех?

Иако самиот наслов звучи неверојатно, па ве тера да се прашате кој може да посакува неуспех кога сите се стремиме кон успех и постојано сме фокусирани токму кон таа цел, треба да се потенцира дека тоа важи само за свесното ниво на личноста. Свесно ги детерминираме сите активности што се насочени кон постигнување на целта, но несвесното во нас и тоа како може да ги саботира нашите намери.

За вистински процес на промена и напредок, потребно е да се согледаат подлабоките нивоа низ кои сме се движеле, а кои не нè довеле до успехот. Позитивна страна од тоа е што секој неуспешен обид ни носи лекција за причините за неуспехот, но и за начините како да продолжиме понатаму, поинаку и посвесно. Се разбира, тоа е можно откако ќе ги прифатиме своите грешки како дел од нашиот напредок, учење и развој.

Како да откриеме каде сме запнале и што нè кочи да успееме?

Ако се послужиме со неврологичките нивоа, можеме да дојдеме до увид на кое ниво „запнуваме“ и така самите се доведуваме до неуспех или постојано повторуваме исти потези кои нè попречуваат да го постигнеме саканото.

Неврологичките нивоа се многу интересна техника која се користи за разбирање на процесите на промени во поединецот, па дури и во поедини групи и организации. Во советодавната работа со клиентите се користи за точно лоцирање на блокадата при остварувањето некаква цел – промена на работното место, губење на вишокот килограми, совладување на тремата, почнување сопствен бизнис, недостиг на мотивација, инспирација за промени и слично.

Техниката предвидува поминување низ шест неврологички нивоа на кои се поврзуваат телесните, емоционалните и когнитивните искуства на клиентот, при што се разјаснува сè што се случува на секое ниво поединечно за ефикасно да се лоцираат автоблокадите што секој поединец ги гради во себе при процесот на остварување на некоја зацртана цел.

Тие шест нивоа се: околината, однесувањето, менталните стратегии, емоциите, уверувањата и вредностите.

Поминувајќи низ сите овие нивоа, прецизно може да се открие каде навистина се наоѓа саботерот на вашиот успех, односно проблемот кој ве спречува во остварувањето на посакуваната цел, а со самото тоа се отвора можноста да го коригирате и да дефинирате вистински пристап и начин на кој ќе постигнете успешна реализација.


Пишува: Марта Кравашчан, невролингвистичка практичарка.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот