Обично се смета дека емпатичните луѓе уживаат во нежна музика како соул или аренби, додека агресивните сакаат посилни ноти. Но, дали е тоа точно?
Резултатите од неколку обемни студии спроведени од научници би можеле да ве изненадат.
Обожавателите на хеви метал не се насилни
Неколку научни студии истражувале особини на личноста поврзани со различни музички жанрови и дошле до некои неочекувани факти, како што е фактот дека психопатите најчесто уживаат во „No Diggity“ на „Блекстрит“, кој беше голем хит во 90-тите.
На пример, ако сакате хитови на топ-листите, најверојатно сте пријатна личност. Од друга страна, луѓето што сакаат екстремен хеви метал, кој често допира до насилство или смрт, всушност немаат поголема веројатност да бидат насилни (и само сакаат да најдат „радост“ во таква музика).
Ни се допаѓа музиката на луѓето за кои мислиме дека се како нас
Научниците велат дека кога избираме музика, често ја избираме музиката на луѓето за кои мислиме дека се како нас, според студијата од 2020 година. Така, на пример, обожавателите на Дејвид Боуви биле привлечени од неговата ексцентричност и невротичност, а обожавателите на „Рејдиохед“ биле привлечени од тој познат бенд поради неговата „отворена“, експериментална природа.
Д-р Сандра Мац од Бизнис-школата при Универзитетот Колумбија предупредува дека овие наоди може да го отворат патот за нови пристапи за издавачките куќи, или за управување со музика кога се таргетира одредена публика.
Што ако сакате прекумерен бас?
Драматичните бас-линии се неизбежна карактеристика на модерната музика, но може да ве изненади што вели науката за вашата наклонетост кон нив. Студија од 1997 година покажала дека мажите почесто уживаат во музиката со „прекумерен“ бас отколку жените. Истото го прават и екстровертите, а и луѓето што се психотични.
Психопатите од реалниот живот дефинитивно не се како Ханибал Лектор, љубител на класична музика - и имаат поголема веројатност да уживаат во ретро рап, покажало едно истражување.
Но, „No Diggity“ и „Lose Yourself“ од Еминем најмногу им се допаднале на луѓето со највисоки претпоставки за психопатија во една студија од 2017 година. Оние што беа оценети како најмалку склони кон психопатија ги сакаа „Titanium“ на Сиа и хитот „My Sharona“ на „Д Нек“.
Истражувањето било дел од прелиминарната, необјавена студија на Универзитетот во Њујорк од 2017 година, со која се сметало дека ќе се најде начин да се идентификуваат психопатите без нивна согласност - што подразбирало фокусирање на 260 песни и 200 волонтери кои исто така направиле тест за психопатија.
- Медиумите обично ги прикажуваат психопатите како убијци со секира и сериски убијци, но реалноста е дека тие не се очигледни, тие не се како Џокерот во Бетмен. Можеби тие работат веднаш до вас во канцеларија и се незабележителни. Тие се како психолошка темна материја. Не сакате да ги имате овие луѓе на позиции каде што можат да предизвикаат многу штета. Ни треба алатка за успешно да ги идентификуваме - истакнал водачот на студијата, Паскал Валиш, во 2017 година.
Начинот на кој размислуваме е силно поврзан со музичкиот вкус
Студијата од 2015 година на музичарот и истражувач д-р Дејвид Гринберг, кој има спроведено повеќе студии за музичките преференции, но и настапува како џез-музичар, покажала дека начинот на кој размислуваме е силно поврзан со музичкиот вкус. Истражувањето со волонтери открило остар јаз меѓу емпатичните луѓе и „систематизаторите“ кои размислуваат за работите на машински начин.
Истражувањето покажало дека луѓето што се поемпатични претпочитаат „понежна“ музика - аренби, соул, мек рок.
Луѓето што се посистематизирани (т.е. помалку емотивни) претпочитаат интензивна музика вклучувајќи панк, хеви метал и хард рок.
Извор: tportal.hr
Фото: Freepik