X
 25.12.2019 Живот

Во последните 10 години светот целосно се промени. Ова се доказите...

Во период од една деценија многу работи може да се променат, а последнава деценија донесе брзи промени во многу аспекти од нашиот секојдневен живот и култура. Пример за тоа се уредите без кои современиот човек не може да живее ниту еден ден, а кои доживеаја неверојатна експанзија на употребата. Според истражувањето за 2019 година на американскиот центар „Пју“, 96 отсто од американските возрасни лица поседуваат мобилен телефон, од кои 81 отсто се паметни телефони.

Одговорите на прашањето колку нашето секојдневие се променило во изминатата деценија можат да се најдат во дневните вести, поп-културните трендови и технолошките иновации.

Апликациите за мобилни телефони го променија начинот на кој ги запознаваме луѓето


Иако страниците за дружење се присутни повеќе од две децении, вистинската експанзија на онлајн-запознавањето ја донесоа апликациите кои станаа популарни во последните неколку години, како „Тиндер“, „Бамбли“ и други. Запознавањето преку интернет од „последна опција“ прерасна во примарен начин за наоѓање партнер. Истражувањето на американскиот универзитет „Стенфорд“ од 2017 година покажува дека 39 отсто од испитаните запознаваат партнер преку интернет, додека 20 отсто од испитаните тоа го прават преку заеднички пријатели. Само 11 отсто од испитаниците запознаваат партнер со помош на колега од работа, а најмал процент (7 отсто) го запознаваат преку семејни врски. За споредба, во 1995 година само 2 отсто од испитаните парови се запознале онлајн.

Работната култура стана порелаксирана

Според истражувањето на американскиот „Глобал воркплејс аналитикс“, 40 отсто од работниците во САД работат на далечина најмалку еден или два дена неделно. Исто така, во 2019 година бројот на работодавци подготвени да им понудат ваков тип ангажман порасна за 40 отсто. И самиот работен простор претрпе голем број промени и наместо во изолирани канцеларии, вработените работат во простории со голема отвореност, а постојат и поволности како простории за релаксација, бесплатно користење на кафулиња и ресторани во рамките на зградата.

plastika
Фото: Getty Images


Одјавувањето од работа стана тешко изводливо


Развојот на безжичната мрежа и паметните телефони ја олесни комуникацијата меѓу луѓето, но темната страна на ова достигнување лежи во тоа што трпи приватноста на секоја личност. Да се биде недостапен за шефовите и колегите стана невозможно во светот на мобилните комуникации, така што практиката вработените да работат и додека се на одмор и кога се отсутни стана вообичаена.

Виралните видеоснимки создаваат поп-ѕвезди

Некои од најголемите поп-ѕвезди денес својот успех му го должат на „Јутјуб“ затоа што, благодарение на оваа платформа, концептот на видеото е променет. Раскошните спотови станаа непопуларни, додека потенцијалот на песните во краток период да станат интернет-феномен е од пресудно значење дали ќе бидат хит.

Масовна промена на стриминг-услугите


Иако овие години се наречени златната доба на телевизијата, реалноста е дека бројот на кабелски претплатници постојано опаѓа. Од друга страна, расте бројот на корисници на стриминг-услуги како „Нетфликс“, „Хулу“, „Амазон Прајм“, „Слинг ТВ“.

Пазарот на музички албуми полека исчезнува


Телевизијата не е единствениот медиум што претрпе тектонски промени во последната деценија - вакви промени претрпе и дискографијата. Сервисите како „Спотифај“, „Саундклауд“ и „Пандора“ го сменија начинот на кој денес се доаѓа до новиот албум на бендовите.

Квазитакси наместо обично


Појавата на компании како „Убер“ и нивните апликации за делење превоз го редефинираа концептот за такси-превоз низ светот.

Електронските цигари ја тресат тутунската индустрија


Иако статистиката бележи намалување на бројот на пушачи во првата деценија на 21 век, истовремено се зголемува бројот на пушачи на електронски цигари, особено кај тинејџерите и адолесцентите.

Пластични кеси на црната листа

Загриженоста за климатските промени и состојбата на животната средина, во која помладите генерации треба да растат и да живеат, доведоа до заострување на употребата на пластика во секојдневниот живот. На удар се производите за еднократна употреба, како шишиња за вода и кеси, чија употреба ја забранија голем број општествено одговорни компании во многу градови низ целиот свет.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот