X
 01.12.2020 Живот

Исповед на докторки од болница во Варждин: Во една вечер изгубиле десет пациенти поради Ковид-19

Минатата недела, од вторникот вечерта до средата наутро, во општата болница во Вараждин, Хрватска, починале шест лица. За 24 часа починале вкупно 10 пациенти заразени со Ковид-19. Д-р Рената Кробот им се јавила на семејствата на починатите во текот на нејзината смена, а докторката Драженка Павличевиќ им се јавила на семејствата на оние што починале додека таа била дежурна.

- Веднаш гледам кој не е добро. А кога почнува смртта, сè оди многу брзо. Како да се исклучил прекинувач. Во 17:15 аларм. Машината дише за човекот, ние ги засилуваме лековите, откажуваат органите еден по еден, фреквенцијата на срцето слабее, параметрите дивеат. Реанимираме... сето тоа трае само неколку секунди - вели Павличевиќ.

Умираат сè помлади луѓе

Според последните податоци, повеќе од 77 отсто од луѓето што завршуваат на апарати за дишење не преживуваат. Д-р Павличевиќ и техничарот наизменично го реанимирале човекот што прв починал тој ден на нејзиниот оддел. Уште четири луѓе починале во соседниот, инфектолошки оддел.

Лекарите велат дека во вараждинската жупанија умираат сè повеќе млади луѓе. Во средата вечерта починале две лица: едното во раните шеесетти години, а другото имало 52 години. Тој во моментов е најмладиот што починал од Ковид-19 во оваа болница.

Други двајца што починале биле една година постари од него. Биле активни и енергични.

- Во денешно време, со оглед на развиената технологија, наука, медицина, мислам дека никој од нас не можеше да очекува дека ќе се најде во оваа ситуација. Со толку мртви во еден ден и со шатори наместо болнички оддели пред болницата - вели Павличевиќ.

Се борат како лавови

Лекарката сведочи и дека се наоѓаат во навистина вонредна ситуација.

- Кај нас во нормални услови работата си тече. Пациентите доаѓаат по операцијата, тука се неколку дена, па си заминуваат. Сега пациентите се со нас со недели. Не е секој веднаш ставен на респиратор. Некои прво доаѓаат на брз проток на кислород. Разговараме со нив. Честопати параметрите се подобри по разговорот. Луѓето се многу уморни кога имаат недостиг на кислород. Толку многу што им е тешко да се свртат на другата страна. Но, има и такви што се борат како лавови. Ги замолувате да се свртат на грб, настрана... немаат сила, но го прават тоа. И потоа завршуваат на респиратор. Тука сте немоќни - вели докторката.

Има ситуации и кога работите одат на полошо.

- Еден човек дојде за брз проток на воздухот, со денови беше тука, разговаравме. Му беше роденден. Сатурацијата паѓаше неколку пати и мислевме дека е готово. Разговаравме, параметрите се подобрија, беше многу подобро. Следниот ден заврши на апарати за дишење - вели докторката.

doktor
Фото: Freepik

Вараждин доживува втора војна


Пред средата наутро уште две лица починале во рок од 40 минути. Во тој интервал починал најмладиот пациент, 52-годишниот маж без хронични болести. Утринската смена од д-р Павличевиќ ја презеде нејзината шефица, примариус Рената Кробот.

Таа работи во болницата од 1991 година и вели дека ова е втора воена состојба во нејзиниот живот.

- Вараждин минува низ втора војна. Научив да се справам со стресот - вели таа. Во време на примопредавањето на смената починале две лица, а подоцна во 10:40 и во 14:12 часот починале уште две.

- Интензивистите работат во салите, работат полно дежурство, и ден и ноќ, но на толку висока стапка на смртност воопшто не сме навикнати. Тоа е дополнителен стрес и проблем. Тука сме 15 специјалисти, но тројца-четворица секогаш се во изолација. Колегите имаат и по девет дежурства месечно, што е двапати повеќе од вообичаено - вели Кробот.

Најлоши се ненадејните смртни случаи


Коронавирусот е непредвидлив и лекарите велат дека најлоши се ненадејните смртни случаи.

- Ненадејните смртни случаи се најлоши. Кај другите параметрите со денови беа лоши, се влошуваа и најлошиот исход беше сигурен. Семејството можеше да се подготви за тоа - вели д-р Кробот.

Имено, коронавирусот ја згрутчува крвта, но човекот оди дома, закрепнува, а по неколку дена добива мозочен удар или белодробна емболија како директна последица на коронавирусот. Д-р Кробот го почнала утрото со двајца мртви.

- Нѐ погоди, јасно, но подготвени сме на тоа. Се бројат мртви, живи и колку респиратори имаме. Така живееме денес - вели Кробот и додава дека нема шанси луѓето да се поттикнат на одговорност освен ако наместо телевизиски реклами, не почнат да се емитуваат снимки од мртвите.

Мобилните и понатаму ѕвонат

Лекарите зборуваат и за тоа како луѓето пристигнуваат во болниците со еден куп работи. Тука е сето она што е основно, пижами и предмети за лична хигиена, па мобилни телефони, лаптопи, полначи и храна. Како што велат, тие сето тоа го користат за да комуницираат со семејството, но потоа станува полошо и тие не можат да одговорат на телефон.

- Човекот умира, а мобилниот и понатаму ѕвони. Затоа, ни се јавуваат нам: „Јас сум сопругата на тој и тој, не можам да го добијам, ве молам, кажете ми како е“. И тоа е најтешкиот момент. Кога морате да им кажете дека тој почина. Кога случајно ќе се јават пред да можеме да ги известиме - вели Кробот.

- За смртта го информираме семејството во рок од еден час или два, кога ќе го решиме сето она што мораме. Многу луѓе го пишуваат својот број кога се примаат во болница. Па се јавуваме, и ѕвони телефонот на починатиот пациент - вели Кробот. Таа инсистира дека лекарите не се жртви, туку си ја работат својата работа.

Црн рекорд


На Одделот за интензивна нега првиот заразен во есенскиот бран пристигнал во Вараждин на 17 октомври.

- Од 17 октомври до 25 ноември имавме 60 пациенти на интензивна нега, четворица починаа. Во ноември, бројот на пациенти е двојно поголем, а стапката на смртност е десетпати поголема - вели д-р Кробот.

Таа вели дека денес на интензивна нега лежат луѓе што се заразиле на почетокот од ноември.

- 10 отсто од заразените во текот на седмиот ден од болеста развиваат пневмонија и завршуваат на болница. Кога ќе исцрпат 25 литри кислород, преминуваат на 50 литри, а потоа на респиратор. Од тие десет кај нас завршува барем еден, а понекогаш и двајца. Среќа е ако еден преживее - заклучува Кробот.

Извор: Jutarnji.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот