X
 11.08.2019 Економија

Балканот и високите стапки на невработеност

На ниво на ЕУ, сезонски прилагодената стапка на невработеност мерена со методологија на Меѓународната организација на трудот во јуни 2019 година изнесувала 6,3 отсто, исто како и претходниот месец, но малку пониска во однос на јуни 2018 година, кога изнесувала 6,8 отсто.

Меѓу членките на ЕУ, најниска стапка на невработесност е забележана во Чешка (1,9 отсто) и во Германија (3,1 отсто). Најголема невработеност е забележана во Грција (17,6 отсто ) и Шпанија (14 отсто).

Во меѓувреме, во нашата земја е забележано намалување на невработеноста од 2,1 отсто, но Македонија со 20,8 отсто невработеност и понатаму е една од најлошите кога станува збор за пазарот на трудот.

Стапката на вработеност во Србија изнесувала 47,4 отсто во првиот квартал од 2019 година, а стапката на невработеност била 12,1 отсто.

Словенија со остварена стапка на невработеност пониска од пет отсто е најдобра во регионот. Хрватска е на второто место, со стапка на невработеност која значително опаднала во текот на изминатата година. Во јуни 2019 година во Хрватска имало 7,1 отсто невработени.

Иако забележа голем степен на намалување на невработеноста, Босна и Херцеговина и понатаму е меѓу најлошите во регионот. Стапката на невработеност во БиХ, според последните податоци за минатата година, изнесува 18,4 отсто. Тоа е за 5,1 отсто помалку од пред една година.

И во Црна Гора е забележано намалување на невработеноста и тоа за 3,3 отсто, но и таму сѐ уште има генерално висока стапка на невработеност. Црна Гора минатата година ја завршила со стапка на невработеност од 14,1 отсто.

Треба да се напомене дека намалувањето на стапката на невработени во БиХ, Македонија и Црна Гора не е предизвикано само од отворање на нови работни места, туку претежно од иселувањето на населението.

Најголем пад на невработеноста во ЕУ е забележан во Грција (од 19,8 на 17,6 отсто), Кипар (од 8,3 на 6,5 отсто), Хрватска (од 8,6 на 7,1 отсто), Ирска (од 5,9 на 4,5 отсто) и Словачка (од 6,7 на 5,4 отсто).

Надвор од Европа, треба да се споменат САД и Јапонија, каде се забележани ниски стапки на невработеност. Во јуни само 3,7 отсто од Американците биле без работа, додека во јапонија само 2,3 отсто.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија