X
 16.10.2019 Наука

Хрватски научници открија додаток на исхраната кој штити од „тивкиот убиец“

Научниците од една од најуспешните мали научни институции не само во Хрватска, туку и во Европа - Генос - во соработка со експерти од Универзитетот од Тексас откриле дека Н-ацетилманозаминот како додаток во исхраната штити од развој на хипертензија, односно покачен крвен притисок, кој се смета за „тивок убиец“ бидејќи предизвикува болести од кои во светот умираат најмногу луѓе.

Студијата е објавена во списанието „Сиркулејшн“, едно од најпрестижните списанија од областа на кардиологијата. Истражувањата направени на глувци биле спроведени од научниците на Тексашкиот универзитет, а истражувачите од Генос ги анализирале гликаните кај 3.442 испитаници од проектот и покажале дека гликаните играат улога и во хипертензијата кај луѓето.

Генос е водечка лабораторија за високопроточна анализа на гликаните и како таква учествува во голем број големи клинички студии. Спроведените истражувања покажале дека регулацијата на нивото на сијалинската киселина на имуноглобулините ги штити дебелите глувци од развој на хипертензија.

Дебелината и болестите поврзани со зголемената телесна маса како зголемен крвен притисок се сметаат за епидемија на 21 век, а се поврзуваат со нездравата исхрана и недоволната физичка активност. Покачениот крвен притисок е еден од главните предизвикувачи на срцев удар, коронарни болести на срцето и хронично заболување на бубрезите и затоа има потреба за едноставно, брзо и ефикасно лекување.

Како една од главните причини за зголемениот крвен притисок кај дебелите глувци и луѓе во оваа студија е идентификувано намаленото ниво на сијалинската киселина на молекулите на имуноглобулинот Г во крвта. Научниците од Генос уште од порано утврдиле дека ниските нивоа на сијалинска киселина на имуноглобулинот Г се поврзани со зголемената биолошка возраст кај луѓето, која е одраз на зголемен ризик од хронични и болести на крвотокот. Од Генос го патентирале тестот на биолошката возраст, кој е пласиран на глобалниот пазар преку интернет-продажба, а анализата се одвива во нивната лабораторија во Загреб.

Фото: Jutarnji

- Многу ме радува кога резултатите од нашите истражувања имаат конкретна примена, а особено кога таа примена навистина може да им помогне на луѓето. Со ова големо истражување што го спроведовме во соработка со колегите од САД откриен е молекуларен механизам кој објаснува како зголемената биолошка возраст, која ја мери нашиот тест „GlycanAge“, доведува до развој на болести, во овој случај до хипертензија. Исто така, покажавме дека тие лоши гликани може да се поправат и дека промените на „лошите“ во „добри“ гликани го спречуваат развојот на хипертензија. Засега тоа експериментално е покажано само кај глувците, но многу слична слика гледаме и кај луѓето и се надевам дека нашите идни студии ќе покажат дека тоа може да им помогне и на луѓето - истакна Гордан Лауц, претседател на управата на Генос.

Генос неодамна беше именувана како еден од „скриените шампиони“ во Источна, Средна и Јужна Европа во рамките на евалуацијата спроведена од страна на Европската банка за реконструкција и развој во Лондон. Оваа лабораторија е една од неколкуте приватни научни институции во Хрватска, а со својата досегашна работа се етаблира како една од најуспешните мали научни институции, не само во Хрватска, туку и во Европа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука