Феноменот наречен Дедо Мраз е еден од ретките што опстојува со векови и е проширен во целиот свет. И не само тоа. Од година на година овој феномен, односно неговиот главен јунак, станува сѐ попопуларен и поприфатен дури и во најзафрлените делови од светот.
Има многу приказни и легенди за тоа кој е и од каде доаѓа Дедо Мраз. Секоја нордиска земја тврди дека татковината на Дедо Мраз се наоѓа во нејзините граници. Така, Норвежаните се убедени дека Дедо Мраз живее во местото Дробак. Во Данска се вели дека Дедо Мраз живее на Гренланд (во близина на островот Уманак). За Русите официјалниот дом на Дедо Мраз е во местото Велики Устјуг. Канадската пошта, пак, тврди дека адресата на Дедо Мраз е во територија која е под нејзина надлежност, а дека домот има пошттенски код -{H0H 0H0}-.
Американците заминале најдалеку со приказната, па дури и еден свој град на Алјаска го крстиле Норт Пол, со што го потврдиле „фактот“ дека Дедо Мраз живее на Северниот пол. Така, овој град стана туристичка атракција позната како „Домот на Дедо Мраз“. Поштата на САД го користи поштенскиот број на овој град 99705 како свој промотивен поштенски број за Дедо Мраз.
Меѓутоа, глобално најприфатена е теоријата дека Дедо Мраз живее во Лапонија, покраина на северот од Финска.
Финците велат дека е заблуда дека Дедо Мраз живее на Северниот пол, а и сите ние знаеме дека горе, на „нулта точка“, не живее баш никој, Точно е дека живее во близина на Северниот пол. Помалку или повеќе, на оддалеченост од околу 2.000 километри. Во Лапонија.
Станува збор за добро познато село на Дедо Мраз, односно забавен парк во близина на градот Рованиеми, административниот центар на провинцијата Лапонија (Лапланд).
Селото на Дедо Мраз
Фото: Wikipedia
Селото на Дедо Мраз е сместено на самата поларна граница, а Финците го нарекуваат „Врата на Лапонија“.
Селото, благодарение на позицијата, има многу необични климатски услови и атмосфера која е речиси нереална. Таму сонцето преку зимата не излегува барем еден ден, а преку лето барем еден ден не заоѓа. Поларната ноќ таму трае речиси еден месец, од средината на декември до почетокот на јануари, додека преку лето сонцето не заоѓа од средината на јуни до почетокот на јули.
Благодарение на географската позиција, односно близината до Северниот Пол, освен „белите ноќи“, таму минимум 200 дена во текот на годината се „украсени“ со мистична „игра на светлината“, што всушност е феномен на спектар на небесна светлина која трепери во зелени, сини, пурпурни и црвени нијанси. Во дамнешните времиња се верувало, а денес легендата вели дека оваа светлина ја прават лисиците кои со своите опашки удираат по снегот.
Освен светлината и атмосферата што се создава, селото на Дедо Мраз е опколено и со мистични густи шуми, ледена река и познатата планина Корватунтури, која со својот изглед потсетува на врв на глава со две уши со чија помош, според некои легенди, Дедо Мраз може да ги слушне желбите на децата од целиот свет.
Таму, во пештерите на Лапонија, длабоко под земјата, според легендите, има и работилници во кои помошниците на Дедо Мраз во текот на целата година прават играчки кои Дедо Мраз ќе ги подели пред Нова година или за Божиќ, како каде.
Фото: Pixabay
Освен „игрите на светлината“, „Белите ноќи“ и „полноќното сонце“, тие волшебни северни густи шуми и „ушлести планини“, Лапонија се карактеризира и со стада ирваси и сурии хаски. Во селото на Дедо Мраз и неговата околина ирвасите и хаските ја влечат санката на Дедо Мраз, а посетителите уживаат во речиси нереалните глетки.
Голема атракција е одењето на работ на арктичкиот круг, односно преминувањето на поларната граница бидејќи, како што се вели, тогаш преминувате од крајот на светот на неговиот почеток.
Самото село е феномен. Изградено е во лапонски етностил со дрвени куќички. Селото е посебно декорирано со илјадници светкави лампиони, ѕвончиња и други украси кои дополнително придонесуваат за празничното расположение.
Во селото има и канцеларија на Дедо Мраз, како и пошта во која стигнуваат илјадници писма од деца од целиот свет. Дедо Мраз во својата канцеларија одговара на овие писма и ги прима посетителите кои можат да му седнат в скут и да му ја шепнат
новогодишната желба.