X
 02.02.2019 Наука

Во некои делови од САД е постудено отколку на Марс, но тоа не е толку страшно

Рекордно ниските температури предизвикаа бран наслови во американските медиуми во кои се нагласува дека некои делови од САД сега се постудени од Марс.

Во некои медиуми, ова е еден вид на ритуал, па вакви наслови се појавувале и претходните години. Но, што всушност значи постудено од Марс? Дали Американците кои ќе го преживеат поларниот вител ја поминале првата рунда од тренингот за Марс? Па, не баш.

Да разјасниме. Може да е пролет во Њујорк и 6 степени Целзиусови и Американците да велат дека е постудено отколку на Марс. Може да е лето во Мајами и да биде 29 степени и тие пак ќе велат дека е поладно отколку на Марс.

Но, еве како стојат нештата. Марс има тенка атмосфера богата со јаглерод диоксит - околу 100 пати потенка од онаа на Земјата. Тоа значи дека Црвената планета не е способна да задржува многу топлина. Затоа е лесно да се претпостави дека е многу ладно цело време. Но, тоа не е баш точно.

Според американската метеоролошка служба, во градовите во Минесота и Северна Дакота оваа недела било -51 степени или поладно. Поладно отколку на Марс? Да, но не како еден просечен ден на Црвената планета.

Од НАСА го направија овој приказ за да ни помогнат да го сфатиме сето ова.


Фото: Science Alert

Во текот на еден просечен ден на Марс, температурата е околу -60 степени Целзиусови, што е многу постудено отколку во Минесота. Но, тоа е само дел од дијапазонот температури на Црвената планета. Во текот на зимата, температурите во близина на половите може да се спуштат до -125 степени.

Во текот на еден летен ден, температурата на Марс може да достигне 20 степени во близина на екваторот, а највисоката температура прикажана од страна на НАСА е меки 30 степени. Затоа некои денови можеме да кажеме дека во одредени делови од Земјата е постудено отколку на Марс.

Сепак, Мајкл Мишна, истражувачки научник во НАСА, вели дека споредбата е точна, но со една голема разлика. Да речеме дека на Земјата и на Марс температурата е иста, десет степени. Тие две температури нема да предизвикуваат исто чувство на човечкото тело поради тенката атмосфера на Марс и недостатокот од водена пареа.

Тој објаснува дека ако скокне во базен со температура од 21 степен, на човекот би му било многу постудено отколку ако стои на површина каде температурата е 21 степени, а тоа е така зашто водата може да ја исцица топлината од телото. Со други зборови, без многу молекули на вода кои би ви ја краделе топлината, не би ви било толку студено.

-Минус 70 степени на Марс може да ги чувствуваме само како -34 степени - вели тој.

Оттука може да се каже дека како и на секоја друга планета, на Марс има различни температури во зависност од локацијата на планетата и времето од годината. Затоа е лесно да се каже дека е постудено отколку на Марс и може да е вистина. Но, реалноста е нијансирана како и варијациите на околината низ космосот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука