X
 03.03.2022 Живот

Копањето биткоини стана уште полошо за животната средина откако беше забрането во Кина

Копањето криптовалути со помош на обновлива енергија падна од 41,6 отсто во 2020 година на 25,1 отсто во август минатата година бидејќи копачите престанаа да користат кинеска хидроцентрала и се преселија во САД, каде што гасот обезбедува голем дел од нивната енергија.

Истражувачите проценуваат дека копањето на најголемата криптовалута стана многу повалкано и испушта приближно исто количество CO2 годишно како земја со големина на Грција.

- Гледаме дека мрежата станува помалку зелена од кога било досега - вели Алекс де Врис, еден од авторите на рецензираната студија објавена во списанието „Џоул“.

Индустриските групи беа пооптимистички настроени за употребата на обновливите извори на енергија. Претходно Советот за копање биткоини процени дека одржливиот спој на електрична енергија на глобалната индустрија порасна на приближно 58,5 отсто.

Копачите на биткоини ќе се обидат да се преселат на места каде што има евтина електрична енергија со цел да го максимираат својот профит. Специјализираните компјутери кои ги потврдуваат крипто-трансакциите трошат големо количество електрична енергија.

Во минатото копачите на биткоини во Кина се преселувале од провинции со евтина електрична енергија произведена од фосилни горива до оние со изобилство на хидроенергија. Но, по забраните во клучните провинции, копањето беше повеќе или помалку елиминирано во Кина до јуни 2021 година. Копачите се преселија во земји како САД и Казахстан. Истражувачите велат дека ова е причината зошто биткоинот станал помалку еколошки.

Преселбата во САД го зголеми процентот на користени фосилни горива, особено природен гас.

- Американската мрежа има само мал дел од целиот нејзин систем кој се добива од обновливи извори на енергија - вели Де Врис. Тој додаде дека многу од државите популарни кај копачите на криптовалути, како Тексас, Кентаки и Џорџија, имаат полоши резултати од националниот просек во однос на количината на енергија генерирана од обновливи извори.

Кога станува збор за Казахстан, во оваа земја има електрани на јаглен кои се поголеми загадувачи од нивните кинески колеги.

Истражувањето покажува дека копањето биткоини произведува повеќе од 65,4 мегатони јаглероден диоксид годишно. За споредба, Грција произведе 56,6 мегатони јаглероден диоксид во 2019 година.

- Јаглеродниот отпечаток по една трансакција со биткоин ќе биде околу 669 килограми јаглерод диоксид - вели Де Врис.

Тој и неговите колеги велат дека нивното истражување ја нагласува потребата крипто-индустријата да ги забрза напорите за декарбонизација. Крипто-климатскиот договор е една таква иницијатива.

Но, како што велат авторите, брзо решение за јаглеродниот отпечаток на биткоинот не е на повидок.

Извор: ВВС
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот