X
 18.08.2018 Образование

Зошто некои американски училишта работат по четири дена во неделата?

Идејата за четиридневна работна недела во последно време е сè почесто застапена во медиумите, а веќе почна да се тестира и да се применува во некои компании. Сепак, актуелниот систем на петдневна работна недела и два слободни дена е добро вкоренет. Не само работата,  околу овој модел ние ги обликуваме и нашите социјални животи и образовни системи.

Како и да е, многу училишта експериментираат со различни идеи. Во САД има еден модел на функционирање каде што наместо стандарден летен распуст, има неколку пократки паузи распоредени низ целата година. Помалку познат, но доста распространет е моделот на четиридневна работна недела, кој се користи во училишта во 25 американски сојузни држави.

Во повеќето училишта се бара учениците да присуствуваат на одреден број часови, а не денови.

Во Колорадо, каде што овој метод е најпопуларен, учениците во сите училишни комплекси одат на училиште 1.080 часа годишно. Сепак, многу училишта одбираат часовите да ги распоредат во четири подолги дена наместо во пет. Така, наместо децата да одат 180 дена на училиште, тие одат 144. Иако на училиштата во Колорадо, кои работат помалку од 160 дена годишно, им е потребно одобрување за ваквиот распоред, повеќе од сто училишни комплекси низ целата држава добиле дозвола да функционираат на тој начин.

Училиштата во Колорадо експериментираат со пократките работни недели уште од 1980 година. Главниот мотив за промените се финансиите. Пократките работни недели овозможуваат голема заштеда, но многу училишта исто така посочуваат на повеќе време за фамилијарни активности.

Сојузната држава Колорадо не пријавува разлики во резултатите на тестирањата кај учениците кои одат четири и оние што одат пет дена на училиште. Ова има смисла бидејќи учениците се на училиште ист број на часови.

Сепак, студија за училиштата од Јужна Дакота покажува измешани резултати при споредбата на поените од тестовите на ученици што учат четири и пет дена во неделата. Оние што учат пет дена биле за нијанса подобри.

Фото: BigThink

Позитивно во сето ова е што училиштата штедат пари. Според Одделот за образование на Колорадо, трошоците за транспорт и храна се намалуваат за околу 20 отсто. Исто така, има и повеќе заинтересирани наставници кои би сакале да работат четири дена во неделата, а тоа да не им ја погоди платата.

Негативното е што родителите кои работат пет дена во неделата мора да мислат за тоа кој ќе го чува нивното дете тој еден ден кога нема да е на училиште.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование