Домашниот стадион на американскиот фудбалски тим Сан Франциско фортинајнерс од Калифорнија станува „домашен“ во вистинска смисла на зборот. На врвот на стадионот е поставена органска градина лоцирана на соларната тераса на кулата.
Така, овој стадион стана првиот спортски објект во светот кој има органска градина. Оваа прекрасна арена може да прими речиси 70.000 гледачи и секако е еден од најголемите „зелени“ спортски објекти во светот.
Органската градина зафаќа речиси 400 квадратни метри и може да се пофали со речиси 40 култури. Се наоѓа на уникатната соларна тераса на стадионот, како дел од „зелениот покрив“. Градината е управувана од компанијата „Фармскејп“, која ќе обезбедува производи во вредност од 150 фунти секоја недела, или 7.500 фунти годишно.
На стадионот „Левис“ ќе се одгледуваат различни овошја и зеленчуци, како и билки. Градината ќе нуди голема количина на свежа храна.
Бидејќи на стадионот се одржуваат разни настани, ова е фантастична вест за сите посетители што ја ценат локалната и органски одгледуваната свежа храна. Како дел од кујната на стадионот, менито моментално содржи уникатни креации на главниот готвач Динариј Браун, кој користи производи од органската градина за подготовка на своите јадења. Покрај сервирањето храна на самото место, стадионот го проширува своето влијание во заедницата преку партнерство со невладина организација за помош на оние на кои им е најпотребна.
Стадионот ќе ја донира неискористената подготвена храна за да им помогне на оние што се соочуваат со недостиг на храна.
Не е претерување ако се каже дека се работи за стадион од новата генерација. Оваа „зелена“ арена на американски фудбал е прва во светот што поставила соларни панели и изградила „зелен покрив“. Дури три соларни моста го поврзуваат главниот паркинг со стадионот, вклучувајќи стотици соларни панели. Тоа е единствениот стадион во САД кој има добиено ЛЕЕД сертификат за зелена градба.
Инаку, стадионот „Левис“ во 2015 година ја доби наградата за најдобар спортски објект на годината, со што се потврдува квалитетот и препознатливоста на оваа прекрасна спортска зграда.
Извор: baustela.hr
Фото: levisstadium.com