X
 18.08.2017 Живот

Угледниот „Економист“ му одржа лекција по антифашизам на Трамп


Колаж од случувањата во Шарлотвил во Америка
(Фото: Reuters / Profimedia)

„...снимките на собраните во Шарлотсвил кои извикуваат нацистички слогани и истакнуваат свастики се загрижувачки. Денешната Америка не е Германија од 1933, но повикувањата на крв и територија, запалените факли, нацистичките салутирања и насилството кон оние што приговараат за тоа – целото тоа фуриозно покажување на етнонационализам – буди сеќавања на страшното минато“, пишува угледниот „Економист“ во својот коментар за неодамнешните случувања во американската сојузна држава Вирџинија во написот со наслов „Како Германија реагира на политиката на крв и територија“.

„Еднакво чувство на вознемиреност предизвикуваат и амбивалентните изјави на Доналд Трамп и некои медиумски поддржувачи во реакциите на случувањата во Шарлотсвил. Невозможно е да се опише колку тие реакции се разликуваат од начинот на кој се однесува Германија, држава за пример која на политиките на крв и територија (Blunt und Boden) не им дозволува ни милиметар отстапки.

А сè започнува со значењето што им се придава на сеќавањата каде водела таквата политика во минатото. Секој германски ученик во текот на школувањето мора да посети барем еден концентрационен логор. Тоа е есенцијален дел од школскиот курикулум, исто како учењето на азбуката или на таблицата за множење. Градовите низ Германија се вистински галерии на сеќавањата. Улиците и плоштадите се именувани по припадниците на движењата на отпорот. На плоштадите на мали квадрати од месинг, поставени пред местата каде некогаш живееле жртвите од холокаустот, се врежани имињата и податоците за нив. Улиците се полни со плочи со имињата на концентрационите логори (места на хоророт што никогаш не смееме да го заборавиме). Во самиот Берлин се наоѓа голем споменик на жртвите од холокаустот кој претставува лавиринт од 2.711 сиви бетонски блокови со различна величина.

...Линијата меѓу прифатливото и неприфатливото е прилично јасно подвлечена. Ангела Меркел изјави дека самата иднина на Германија почива на разбирањето на холокаустот како ултимативно предавство на цивилизациските вредности. Кога Бенџамин Нетанјаху сугерирал дека големиот ерусалимски муфтија бил тој што на Хитлер му ја пренел идејата за истребување на Евреите, Меркел пристојно но одлучно го поправила израелскиот премиер: Германија не бега од својата одговорност за холокаустот. Мартин Шулц, нејзиниот соперник на претстојните избори, неретко истакнува дека АФД (Алтернатива за Германија, евроскептична партија која прерасна во националистичка организација) не е алтернатива за Германија, туку срам за Германија.

Слободата на говорот не се доведува во прашање: антимуслиманските маршеви на ПЕГИД или повременото делење летоци во организација на радикалната десница ги обезбедува полицијата. Но ова право на изразување е строго ограничено од правото на публицитет или правото на прифаќање. Кога лидерот на АФД, Бјерн Хеке, го истакнал германското знаме во една телевизиска емисија за да ја одбележи илјадагодишнината на Германија (што е фраза која асоцира на нацистите), другите гости во емисијата, и од десницата и од левицата, го нарекле „гнасно“. Појавата на екстремно десни движења во Германија повеќе се третира како културен феномен отколку како израз на социоекономски различности, што понекогаш се случува во Франција, Британија и Америка. Книгата Finis Germania каде што се тврди дека се разложува германскиот идентитет, неодамна е тргната од неколку списоци со најпродавани книги поради антисемитизам.

Германија, јасно, на свој грб го носи единствениот товар на минатото. Но секоја земја има мрачни периоди во својата историја и екстремно десни ревизионисти во својата политичка сегашност. Протестите во Шарлотсвил, каде што се маршираше под знамето на Конфедерацијата против намерата да се отстранат конфедерациските споменици, претставуваат американски потсетник за тоа. И навистина, нацистите својата инспирација ја наоѓаа во законите на Џим Кроу, а сегрегацијата ја разгледуваа како можен модел кој е применлив во германското општество. И државите што немале врска со холокаустот можат многу да научат од германската зрела, совесна и внимателна култура на сеќавања. Во Америка тоа би можело да резултира со отстранувањето на симболите на конфедерацијата од јавните површини. Градоначалникот на Лексингтон, Џим Греј, најави дека сака да го направи тоа што е можно поскоро во неговиот град. Тоа сигурно би резултирало со прогласување на протестирачите од Шарлотсвил за неприфатливи (не доведувајќи го во прашање нивното право на мирни протести). А сето тоа би требало да резултира со именување на најновите изјави на Трамп со нивно вистинско име: морална грозотија“, заклучува „Економист“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот