Сојузот на синдикати на Република Српска, Босна и Херцеговина, поднесе официјална иницијатива за забрана на работата во недела или за овозможување соодветен финансиски надомест за работниците за нивниот престој на работното место во текот на овој ден.
Од Синдикатот на трговците велат дека би се согласиле на две опции.
- Доколку нема 100-отстота забрана на работата во недела, тогаш ќе бараме ограничување на бројот на недели во кои работникот може да работи на најмногу 16-17 недели годишно. Но, во тој случај работата би требало да биде платена барем 250 отсто. Таков пример имаме во Словенија. Ако во оваа земја работите 17 недели, работата ви е платена 250 отсто, а ако работите 18-19 недели годишно, тогаш тие се платени 500 отсто. Верувам дека во тој правец ќе можеме да извојуваме победа над работодавците - истакнува Горан Савановиќ, претседател на Синдикатот за трговија на РС.
Наскоро се очекува реакција од министерството за трговија и туризам на Република Српска во врска со иницијативата, а потоа и од министерството за труд. Сè уште нема официјален став, но доколку се прашува министерката за трговија и туризам Драгица Ковач, забраната би поминала.
Работодавците мислат дека забраната за работа во недела ќе донесе само штета. Од Унијата на здруженијата на работодавци на РС велат дека на работниците не им се скратени слободните денови бидејќи можат да ги добијат во текот на целата работна недела.
- Тоа не би смеело да биде прекувремена работа, туку би требало да биде редовна работа по распоред. Луѓето што работат во недела да имаат слободен вторник или среда, некој друг ден во неделата. А тоталната забрана никому не му е од корист, тоа е демагогија. Сакаме да работиме помалку, а да заработуваме повеќе. Тоа не е можно, ние можеме да дојдеме до повисоки плати само ако работиме повеќе, ако помалку плаќаме обврски, ако продуктивноста е поголема или ако има некои други околности што може да доведат до зголемување на резултатите од работата - изјави неодамна Драгутин Шкребиќ, претседател на Унијата.
Макроекономистот Фрук Хаџиќ вели дека не е сигурен колку забраната би имала смисла, со оглед на тоа дека многу дејности зависат од работата за викенд. Тој истакнува дека проблемот се јавува затоа што работодавците не ги почитуваат законските решенија и не им плаќаат на работниците за прекувремената работа, работата за викенд и не им го даваат
задолжителниот неделен одмор.
- Во тој контекст, потребно е на сите работници прво да им се овозможи да уживаат во законските права преку финансиска стимулација и плаќање на таквиот труд и да се намалат и елиминираат злоупотребите од страна на работодавците. Од друга страна, има ситуации кога работниците работат цела недела за фиксна плата и немаат одмор, што исто така не е решение - вели Хаџиќ.
Владата на Република Хрватска неодамна почна со подготовките на законска рамка за ограничување на работата во недела. Како што претходно беше соопштено, проблемот ќе биде согледан на начин на кој би биле опфатени што е можно повеќе работници, иако најголемиот фокус ќе биде на трговскиот сектор.
Словенија одлучи да ја ограничи работата во недела. Сите вработени во трговијата од септември работат само 20 недели годишно, но не повеќе од двапати месечно. Работниците ќе имаат право и на додаток за работата во недела од најмалку 5,40 евра на час (бруто), што значи двојно повеќе отколку сега.
Во земјите од ЕУ ситуацијата е различна. Во Полска работата во недела е целосно забранета. Во Германија, Швајцарија и во Австрија повеќето трговии не работат во недела, за разлика од Велика Британија каде што нема никакви ограничувања. Некои држави на работодавците им даваат ограничен број на празници и недели во кои можат да работат, со тоа што работниците можат да одбијат да работат во недела или за празник.
Инаку, Европската директива за работно време, врз чија основа се планира работата, поставува минимални барања за организација на работното време, така што здравјето и сигурноста на работникот би се заштитиле од неповолните ефекти од предолгото работно време, несоодветните паузи, несоодветните дневни, неделни и годишни одмори и од неповолните ефекти на ноќните смени или, пак, работата во смени.