X
 02.02.2021 Култура

„Оскари“ 2021: Што можеме да очекуваме од церемонијата во време на пандемија?

„Оскарите“ ќе се одржат - но дали 93. доделување ќе личи на церемонијата на која се навикнати љубителите на филмот?

Академијата за филмски уметности и науки, која ги доделува „Оскарите“, соопшти дека анализира можности како да ја одржи церемонијата во живо во Лос Анџелес, на 25 април 2021 година, два месеца подоцна од вообичаеното.

Академијата го замоли и режисерот Стивен Содерберг повторно да го смисли овој настан во екот на пандемијата.

По годината што ја претрпе, филмската индустрија се надева дека церемонијата на „Оскарите“ ќе биде гламурозна, а не скромна забава.

Иако телевизискиот рејтинг на церемонијата се намалува во последните неколку години, сепак, станува збор за настан за кој најмногу се зборува.

„Твитер“ во 2014 година објави статистика, покажувајќи дека твитовите за време на церемонијата биле прегледани повеќе од 3,3 милијарди пати низ светот токму таа година. Меѓу нив беше и селфи-фотографијата на која се наоѓаа многу познати личности, направена од Елен Деџенерес, која таа година беше водител на „Оскарите“. Постот стана најретвитувана фотографија во историјата на „Твитер“ - дури за кратко ја сруши целата мрежа.

Академијата има еден куп виртуелни церемонии, како што се овогодишните награди „Еми“, од каде што би можела да се инспирира ако треба да се префрли на онлајн-емитување или да организира хибриден настан.

Неодамнешното доделување на Европската филмска награда, традиционално последната церемонија на доделување на наградите годинава, се одржа овој месец во зградата „Футуриум“ во Берлин. Церемонијата се одржа со неколку луѓе кои го водеа настанот и им честитаа на победниците онлајн.

Секоја личност во зградата беше тестирана секој ден до настанот, маските требаше да се носат насекаде, освен на сцената, а физичкото дистанцирање беше задолжително.

Како што велат експертите, доделувањето на наградите во овој момент е да се покаже дека филмот и понатаму е важен, и дека шпекулациите за неговата смрт се претерани. Студијата и режисерите, кои се потпираат на номинацијата за „Оскар“ како гаранција за подобрување на успехот во киноблагајните, се согласуваат дека церемонијата на доделување на наградите од висок профил ќе биде вреден поттик.

nagradi
Фото: Screenshot/YouTube

Дури и ако успеат да организираат физичка церемонија за „Оскарите“ до април, еуфоријата околу филмовите ќе биде помалку видлива.

„Татко“ на Адријан Зелер, кој има шест номинации на Британските награди за независен филм, се очекува да биде еден од кандидатите. Станува збор за филм во кој глумат сер Ентони Хопкинс и Оливија Колман, кои добија одлични критики.

Иако филмот беше премиерно прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро овој месец, Зелер, дебитантски режисер, не можел да присуствува и тој многу добро знае дека промоцијата на филмот нема да биде како што си замислувал.

- Да, не е она што го очекував. Но, не можете да очекувате ништо оваа година затоа што секогаш ќе бидете изненадени. Слушам дека филмот е добро прифатен од луѓето што го гледале, но нема да очекувам ништо друго освен чувство на радост - вели тој.

Кога станува збор за номинации за „Оскар“ 2021 година, има еден потенцијален кандидат кој има корист од фактот дека публиката остана дома дома во 2020 година.

„Лос Анџелес тајмс“ процени дека стриминг-платформата „Нетфликс“ потрошила до 30 милиони долари за промоција на филмот „Рома“ на Алфонсо Куарон - што не му помогна да ја освои наградата за најдобар филм. Не помина многу добро ни епскиот филм на Мартин Скорсезе вреден 159 милион долари, „Ирецот“.

Но, оваа година има доста нови филмови од висок профил. Тука се научнофантастичната драма на Џорџ Клуни - „Полноќно небо“, филмот на Дејвид Финчер за снимањето на „Граѓанинот Кејн“ „Манк“, воената драма на Спајк Ли, „Вести од светот“, во режија на Пол Гринграс како и „Судењето на 7-темина од Чикаго“.

„Нетфликс“ сними и мјузикл, „Матурска“, со Мерил Стрип, Никол Кидман, Џејмс Корден и Кери Вашингтон, за кој се предвидува дека ќе освои „Златен глобус“.



Четирите „Оскари“ за „Паразит“, првиот филм што доби награда, а не е од англиско говорно подрачје, како и повеќе од 800 нови гласачи на Академијата, може да влијаат врз списокот на номинации.

45 отсто од „класата 2020“ се жени, а 36 отсто не се белци. Тоа може да значи дека режисерката Клои Жао ќе се најде меѓу номинираните за најдобра режисерка за нејзиниот филм „Земја на номадите“, во кој глуми Франсис Мекдорманд.

- Мислам дека „Земја на номадите“ ќе биде огромен конкурент на „Нетфликс“ - вели филмскиот критичар Калим Афтаб.

- Мислам дека „Земја на номадите“ ќе добие „Оскар“ затоа што е далеку подобар филм, на ист начин како што „Паразит“ беше најдобар филм минатата година. Мислам дека тоа е промената што може да ја видиме на „Оскарите“, дека „клубот на момците“ го заврши своето. Тоа би можело да го победи големото моќно студио во кое се претвори „Нетфликс“ - вели Афтаб.



Како и многумина, и Афтаб се надева дека церемонијата ќе се одржи во живо.

- Настанот со физичко присуство ќе значи дека влегуваме во нова ера и дека конечно можеме да се вратиме во киносалите. Мислам дека кога ќе се случи тоа, ќе знаеме дека вакцината имаше ефект и дека можеме да се вратиме на нормалниот живот - вели Афтаб.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура