Ако сте љубител на кинематографијата или сериите, веројатно сакате да патувате на места каде што можете да ги посетите и локациите на кои се снимале некои од најпопуларните холивудски остварувања.
Има нешто магично во тоа кога одите по улиците на кои пред вас шетале Џулија Робертс и Том Круз. При посетата на тие дестинации често може и да се разочарате бидејќи магијата на Холивуд умее да го промени реалниот изглед на одредено место.
Дубровник - „Игра на троновите“
Главниот град на Седумте кралства, моќен, богат, прекрасен - сето тоа беше хрватскиот Дубровник. Ни сценографијата ни посебните ефекти не беа потребни за стариот
Дубровник да го одглуми Кингс лендинг со своите дебели градски ѕидини, тесни улички и стари цркви. Илјадници обожаватели на серијата отидоа во Хрватска за да го посетат овој град.
Селото на Попај, Малта - „Попај“
Да, тој Попај! Ова необично село на почеток било изградено како филмски сет за музичката адаптација на Попај во 80-тите години.
Денес, неговите стари куќи и локацијата на брегот се покажаа како хит кај посетителите на овој остров.
Лондон и Оксфорд - „Хари Потер“
Студиото во кое се снимал популарниот филм за волшебници може да се посети во близина на Лондон, но тие не се функционални простории. Повеќето љубители на книгите и филмот „Хари Потер“ ја карактеризираат оваа тура како интересна и веродостојна, но не се разликува многу од музејската посета.
Но, ако сакате да ја посетите просторијата што секојдневно се користи, а е една од клучните локации во филмот, тогаш треба да ја посетите кантината на Универзитетот „Оксфорд“. Имено, тоа е познатата трпезарија на Хогвортс.
Прага - „Невозможна мисија“
Поради улиците со калдрма и фасцинантната архитектура, Прага отсекогаш била привлечна дестинација за холивудските режисери. Сепак, најпознатите сцени во кои е Прага се оние од филмот „Невозможна мисија“.
Посетете го Националниот музеј, кој се наоѓа на главниот плоштад. Зградата на музејот во филмот служеше како американска амбасада. Во целиот филм можете да препознаете мали детали во заднина што дефинитивно покажуваат дека снимањето се случувало во Прага.
Исланд - „Игра на троновите“
„Земјата на оган и мраз“ исто така им послужи на креаторите на најпопуларната серија. Националниот парк Ватнајокул и глечерот Скафтафел се избрани за втората сезона додека поголемиот дел од третата сезона е снимен на замрзнатото езеро Миватн.
Во четвртата сезона актерите и режисерите снимаа во националниот парк Тингвелир, заштитено место со неверојатна убавина.
Фотографии: Pixabay