X
 02.02.2022 Живот

Сѐ повеќе хотели забрануваат влез за деца заради мир на гостите

Во Шпанија има сѐ поголем број хотели кои забрануваат влез за деца за да им овозможат мир и тишина на своите гости, но некои родители и адвокати сметаат дека оваа одлука е неправедна.

Хотелот „Нептуно“ на Канарскиот Остров Гран Канарија беше еден од првите во Шпанија со натпис „Само за возрасни“. На гостите им ветува тишина во собите, а во рестораните маси каде што нема семејства.

- Ваквите хотели сега се честа појава. Сега недостигаат хотели кои ќе им дозволуваат влез на децата - вели хотелскиот менаџер Армандо Ромеро. На ваквиот тренд укажува и веб-страницата „Adults Only Holidays“, која нуди стотици сместувачки капацитети низ светот каде што можете да уживате во „пријатни одмори без деца“. Поради тоа, некои родители се нашле во ситуација да им биде забранет влез кога се појавиле во хотелите со своите деца.

Ваквите случаи биле пријавени во здружението за заштита на потрошувачи ФАКУ со цел да го истражат тоа и да видат дали може да се почне казнена постапка.

- Добивме голем број поплаки, повеќе отколку што би сакале - изјави за шпанските медиуми Мигел Анхел Серано, потпретседател на здружението. Психологот Вероника Перез тврди дека се работи за фобија од деца.

- Тука не се исклучени децата затоа што местото е опасно или несоодветно за нивната возраст, туку затоа што нивното присуство пречи, лути и предизвикува непријатност. Ако, на пример, не се пушта да влезе некое лице поради бојата на кожата, тоа би го сметале за отстапување од нормалното однесување - додава Вероника.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот