X
 05.10.2020 Колумни

Емоционалната интелигенција кај децата – воспитен императив на современото растење

Накусо ќе потсетам на она што како педагози сме го учеле и на кое во целиов многу долго атакуван образовен систем како да заборавивме – како да ги научиме децата да бидат добри луѓе. Со премногу посветено внимание на преносот на знаењата, во што, за жал, сè помалку успеваме, емоциите ги поттурнавме настрана. Затоа и сведочиме на ситуации во кои децата ни се лути, непослушни, дрски, не учат и не знаат што е почит, притоа заборавајќи, пак ќе кажам, на фактот дека тоа всушност е повик за помош. Не го слушаме. Немаме време да работиме со нив на нивното самоспознавање, саморегулирање, самомотивирање, на нивните социјални способности

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Денешново писание ќе го започнам со една приказна, реално доживеана и искрено, мачно преживеана од моја страна и како родител и како наставник. Мачно, затоа што сведочев на сцена од современието, во која група деца се актери во сценарио испишано од родителите, а допишано од деформираните општествено-социјални модели на однесување, сеприсутни во современиот начин на живот.
Нејсе. Парк.Топла есен, парче време за дишење на првото оцрвенето жолтило. Седам на клупа.

Слика прва

Гледам поголема група деца, некаде на возраст меѓу 10 до 12 години. Разџагорени со максимални децибели, викаат сите во глас, се бркаат, се качуваат и симнуваат на дрвото на кое е поставена дрвена куќарка со скалички за качување под неа. Се прскаат со вода од чешмата, си дофрлаат зборови кои не сакам да ги напишам, бидејќи не можам ниту да сфатам дека се во состојба да ги изговорат, но сигурна дека не го знаат нивното значење. Ги собрале некаде попат, но никој не им кажал дека тежат и имаат значење. Понекоја мајка која зјапа во својот телефон, седи на клупа. Сите деца препотени, со маските под брада или фрлени на тревата. Повеќето машки деца и неколку девојчиња - еднакво бучни. Вниманието ми го привлече едно девојче на иста возраст, седнато само на клупа. Маска навлечена до под очите. Убаво, гараво око, помалку искосено нагоре. Поглед на срна. Мирен и топол. Стана полека и се приближи со несигурни чекори до децата, собрани под дрвото. Стои и стои до нив, рацете здиплени зад неа. Никој не ја забележува. Свртени со грб накај неа, не ѝ оставаат избор. Помина од другата страна, застана поблиску до нив и остана така, како да не е тука.



Ни се сретнаа очите за кратко, додека едно од децата ја турна без и воопшто да ја забележи. Потстана, си ги истресе панталоните и со наведната глава си се врати на клупата. Едно од девојчињата застана блиску до неа, си го извади јазикот надвор и местејќи ги палците кај очите и движејќи ги сите прсти, испушти звук на кривење каков што сите мирни и воспитани деца доживуваат, затоа што се токму такви – мирни и воспитани. Од другата клупа, се провикна мајката на исплазеното девојче со зборови кои исто така не сакам да ги напишам, бидејќи не можам ниту да сфатам дека родител е во состојба да ги изговори, но сигурна сум дека го знае нивното значење. На истото си го учи и детето – дека да исмеваш некого е во ред. Гледајќи ја, јасно ми е нејзиното дете.

Слика втора


Група тинејџери, седнати под импровизирана сламена натстрешница во паркот. Играат карти. Седат на потпирачите од клупите, со стапалата на просторот за седење. Грицкаат семки и плукаат на сите страни. Паклите од цигарите и испушените цигари ги фрлаат во тревата. Празна канта за смет на половина метар од нив. Блиску до нив, во тревата, куче скитник. Му се бројат ребрата. Ги гледа онака како што само гладно куче може да гледа – во очекување да му фрлат нешто. Едното од момчињата, сето полно со себе, станува и му се приближува. Кучето полека станува, врти со опашката која дефинира надеж и ете – добива силен удар со нога во стомакот, придружен со смеа и овации од клупата. Квичејќи, се скри под соседната клупа и го снема. Гордиот клоцач со кренати раце угоре се врати кај веселата дружина, сиот среќен.



На што ме поттикнаа овие слики?

Ми се потврди по којзнае кој пат дека она што сериозно му недостига на целиов ни животен концепт, на феноменот на родителството, на системот на образованието е еден сериозен, здрав систем во кој децата ќе ги учиме на едно нешто многу важно: на емоција. На чувство за себеси, пред сè, а потоа и за другите. Во свет во кој и во време во кое децата ни се трофеи за на „Фејсбук“, но сè повеќе ни се осамени, депримирани, склони на нервоза и агресија, запоставени во основа, затоа што трчајќи за нив, ги испуштивме од вид, она што навистина им недостига е моделот во кој ќе ги подготвиме за живот.
Сигурна сум дека она кон што сериозно треба да се пристапи е емоционалната едукација, која на домашен терен би подразбирала средина на функционално семејство кое гради и негува вистински вредности, а во училницата средина во која се поврзуваат умот и срцето. Систем кој во основата ја има емоционалната интелигенција, кој овозможува исправен начин на употреба на емоциите, сфаќањето на самиот себе и себеподобрувањето, како и градење механизми на меѓусебна интеракција во рамките на афективната сфера на животот. Тоа, секако, означува препознавање на емоциите, нивно разбирање, нивно користење и управување со нив.

Кога е училиштето во прашање, би морало многу да се работи на иновативни училишни програми кои за цел го имаат и поучувањето на децата за темелите на емоционалната интелигенција, што ќе значи дека во образовниот систем свое посебно место треба да има всадувањето на основните меѓучовечки релации, свеста за сопственото битие, самоконтролата, сочувството и емпатијата, како и соработката и разрешувањето на проблемите и конфликтните ситуации. Тоа во основа значи дека треба да ги научиме да управуваат со емоционалниот живот на интелигентен начин, затоа што нивните постапки треба да содржат мудрост, да ги водат нивните размислувања, системите на вредности и нивниот опстанок, конечно.

Тука накусо ќе потсетам на она што како педагози сме го учеле и на кое во целиов многу долго атакуван образовен систем како да заборавивме – како да ги научиме децата да бидат добри луѓе. Со премногу посветено внимание на преносот на знаењата, во што, за жал, сè помалку успеваме, емоциите ги поттурнавме настрана. Затоа и сведочиме на ситуации во кои децата ни се лути, непослушни, дрски, не учат и не знаат што е почит, притоа заборавајќи, пак ќе кажам, на фактот дека тоа всушност е повик за помош. Не го слушаме. Немаме време да работиме со нив на нивното самоспознавање, саморегулирање, самомотивирање, на нивните социјални способности. Немаме време да ги учиме на емпатија, за да ги идентификуваат и чувствата на другите, да сочувствуваат со нив и со тоа да им помогнеме да си го засилат квалитетот на животот. Не работиме на нивната самосвест, со што ќе си ги препознаваат внатрешните состојби и ќе си ги рационализираат емоциите.

Некако како да заборавивме дека емоционално интелигентните деца стануваат задоволни возрасни, градат квалитетни меѓучовечки односи. Притоа, како наставници, секако треба да имаме предвид дека пред да осудиме одредено однесување на детето, треба да знаеме да загребеме под површината. Педагогијата и детската психологија учат дека агресивното дете има родител кој нештата ги решава со ќотек. Повлеченото дете има авторитативен родител кој поставува строги критериуми и го прави плашливо. Детето го нуди она што нему му е понудено. Затоа и нашиот приод кон него ќе треба да зависи од тоа што ќе видиме кога ќе го погледнеме и што ќе чуеме кога ќе го слушаме.

Ќе завршам со тоа што повторно ќе истакнам дека образованието е фундаментот, градбениот материјал. Лекциите се учат и се забораваат. Градењето Човек со емоција за себе и за друг е прашање на внес на интелигенцијата во емоцијата, а со тоа и грижа за животот на заедницата воопшто.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни