Со кореографијата „Истиот извор“ на Матеа Киселичка, кореографијата „Котел“ на Рисима Рисимкин и една работилница, „Скопје танцов театар“ ќе учествува на најстариот танцов фестивал во САД, Battery Dance Festival, кој ќе се одржува од денеска до 19 август.
Младите танчари ќе настапат утре на отворената сцена во паркот „Вагнер“, а еден ден подоцна кореографката и основач на „Скопје танцов театар“, Рисима Рисимкин, заедно со членовите на театарот ќе одржи работилница за професионални танчари.
На 18 август во центарот, „Шимел“ како дел од програмата за затворање на фестивалот, ќе биде изведена кореографијата „Котел“, по музика од Тони Китановски. Костимите за двете кореографии се на костимографот Благој Мицевски, а учествуваат: Адријана Данчевска, Александра Петрушевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Јована Зајкова, Бобан Русески и Сара Цветковска.
Свеченото отворање на годинешниот фестивал ќе се одржи во паркот „Вагнер“, покрај реката Хадсон. Повеќе од 12.000 посетители го проследуваат овој фестивал, а гостуваат компании од цел свет.
Поканата да се учествува на еден ваков престижен фестивал во Њујорк и можноста да се претстават продукциите на „Скопје танцов театар“ како дел од современата култура во Македонија се извонредно признание за нашите уметници. „Скопје танцов театар“ е прва танцова компанија од Македонија што гостува на вака високо уметничко ниво во Њујорк. Гостувањето е поддржано од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје.