X
 02.04.2021 Здравје

Кои се разликите меѓу вакцините против Ковид-19 и кој каква може да прими, објаснуваат проф. Грозданова и д-р Петличковски

Д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија рече дека по примање на вакцината, луѓето сѐ уште не се заштитени од заразување со коронавирусот и дека во зависност од која вакцина примиле, најмалку две до три недели по втората доза мора да внимаваат и доследно да ги применуваат препораките за заштита, за да не се случи да се вакцинираат и да заболат

Сите вакцини што ги имаме и оние што ги очекуваме се безбедни и нема да се даваат посебни препораки која вакцина на која група граѓани да се дава, рече проф. д-р Александра Грозданова, претседател на Националниот комитет за имунизација, на предавањето за вакцините против Ковид-19 во организација на Лекарската комора.
Таа рече дека досега се вакцинирани 75 отсто од здравствените работници. Според неа, засега сме далеку од масовна вакцинација на населението, но процесот почнува со отворање на повеќе вакцинални пунктови.
 
- Целта на секоја вакцинација е да се намалат морбидитетот и морталитет од одредена болест, а колективен имунитет ќе има кога ќе почне масовната вакцинација. Далеку сме од масовна вакцинација, но го почнуваме процесот, со тоа што прво вакцинацијата почна во модуларната болница во Скопје, сега во здравствените домови, се подготвува салата „Борис Трајковски“, а потоа и теренска вакцинација, за ранливите граѓани, во старските домови и на оние за кои вакциналните пунктови им се недостапни - рече Грозданова.
Таа објасни дека во развојот на вакцините против Ковид-19 се користеле постојни технологии и дека генскиот материјал на вирусот е познат. Таа вели дека кусото време за развојот на вакцините се должи на тоа што досега немало олку големо финансирање на развој на вакцините во научноистражувачката фаза.



- Како фармацевт, тоа им го кажувам и на моите студенти, дека при производството на лекови, развојот на вакцините е најригорозно-контролиран процес затоа што тие им се даваат на здрави луѓе и се за масовна употреба - рече Грозданова, која објасни дека од досега седумте одобрени вакцини, дел се произведени од нуклеинските киселини на самиот коронавирус, дел се векторски вакцини, а дел се инактивни вакцини.
Вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ се произведени од нуклеинските киселини на вирусот, „Новавакс“ од протеинскиот дел на вирусот, „Астра зенека“, „Спутник“ и „Џонсон и Џонсон“ се векторски, а кинеските на „Синофарм“ и „Соновак“ се инкативни.

- Сите вакцини се ефикасни и безбедни. Досега Европската агенција за лекови ги одобри вакцините на „Фајзер“, „Астра зенека“ и „Џонсон и Џонсон“, а ФДА (Американската агенција за лекови) ги одобри вакцините на „Фајзер“, „Астра зенека“, „Џонсон и Џонсон“ и „Модерна“ - рече Грозданова.
Според неа, вакцината на „Астра зенека“ е една од најбезбедните вакцини против Ковид-19 бидејќи досега е најмногу користена во светот и е најдолго испитувана, а информациите за несаканите ефекти од неа, поради кои дел од земјите ја одложија нејзината примена за одредени возрасни категории, се должат токму на таа широка примена.



- Најмногу се употребува и затоа има и повеќе пријави за несакани ефекти за разлика од другите вакцини. Но процентот на овие несакани ефекти е многу помал во споредба со компликациите што може да ги предизвика самата болест - рече Грозданова.

Д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија рече дека по примање на вакцината, луѓето сѐ уште не се заштитени од заразување со коронавирусот и дека во зависност од која вакцина примиле, најмалку две до три недели мора да внимаваат и доследно да ги применуваат препораките за заштита, за да не се случи да се вакцинираат и да заболат од Ковид-19.

-ЕУ комплетно потфрли во вакцинирањето и сите ја плаќаме цената што не го прифаќаме брзото вакцинирање. Се работи за вакцини кои имаат ефикасност над 90 отсто. Успешноста на вакцината е да елиминира шанса за смрт и тешка болест, што значи дека тие пациенти нема да стигнат до болница, а болниците пак ќе се занимаваат со други патологии. Тоа во Израел е постигнато со вакцинирање на речиси 70 проценти од населението и затоа не треба да се одбива вакцинирањето - рече Петличковски.

Тој објасни дека луѓето што имаат алергии може да се вакцинираат, освен ако претходно не пројавиле некоја алергиска реакција на компонентите на вакцините.
Петличковски рече дека од досегашните клинички испитувања нема податоци за тоа дали вакцините се безбедни за бремените жени и затоа тие не се препорачуваат, бидејќи во контролните групи имало многу малку бремени жени и тие не пројавиле никакви несакани ефекти. Според него, малку податоци има и за веќе породените.

- Неосновани се дискусиите дека жени што планираат да останат бремени треба да избегнуваат вакцинација, таков податок од досегашните испитувања нема - рече Петличковски.
Според него, нема пречка оние што веќе прележале Ковид-19 да се вакцинираат, но најмалку еден месец по комплетно оздравување или шест месеци по прележување на болеста. Според него, овие луѓе не се препорачува да бидат во приоритетните групи за вакцинација.

- Кај имунокомпромитирани пациенти кои имаат намален имунитет се претпоставува дека со векторските вакцини би можело, иако не се очекува, да се ископира вирусот и да се појави инфекција, па за овие граѓани опција се и кинеските вакцини со инактивен вирус. Пациентите со автоимуни болести што не примаат терапија може да се вакцинираат, а оние што примаат терапија би можеле да се вакцинираат со „Фајзер“ и со вакцината на „Модерна“ бидејќи се смета дека тие за нив се без ризик. Пациентите што се со карцином и примаат хемотерапија, се препорачува неколку дена пред примање на хемотерапијата да се вакцинираат, или најмалку една недела по примање на хемотерапијата, за да може вакцината да развие имунолошки одговор - објасни Петличковски.

Околу информациите дека вакцината на „Астра зенека“ кај популација помлада од 60 години привремено ја запреа повеќе европски земји поради појава на случаи со венска тромбоза, Петличковски рече дека овие несакани ефекти по примање на вакцината се многу помали отколку што вакви случаи се јавуваат кај население кое не е вакцинирано.

-Вообичаени несакани ефекти се болка на местото на апликација, зголемена температура, главоболка, замор, особено кај аденовирусните вакцини, а многу ретко венски тромбози и анафилактички реакции. Според информациите што ги имаме, вакви несакани реакции има кај четири до шест лица на милион, за разлика од невакцинираните каде што се десет случаи на милион - рече Петличковски.

Проф. Грозданова, пак, објасни дека оваа бројка на несакани реакции во однос на вкупно вакцинирано население е различна во зависност од земјата и дека тие повеќе се пријавени во Германија, поради што оваа земја привремено ја одложи примената на оваа вакцина за помладото население.

- Нема простор за паника и за оние што се помлади и веќе се вакцинираа во Србија. Првично беше дека вакцината на „Астра зенека“ не се препорачува за постари од 65 години бидејќи оваа возрасна група не беше опфатена во истражувањето. Ригидниот одговор на Данска, Норвешка и Шведска подолго време да ја одложат употребата на оваа вакцина се должи на тоа што тие имаат доволни количини од другите вакцини и тоа нема да влијае врз нивниот национален план за вакцинација. Ние не сме ја укинале оваа вакцина, туку сме внимателни и ги следиме сите информации. Од Светската здравствена организација добивме потврда дека оваа вакцина е безбедна - рече проф. Грозданова.

И двајцата рекоа дека не се препорачува ниту тестирање за присуство на вирусот пред вакцинација, ниту пак проверка за тоа дали некој има антитела и колку.
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје