X
 05.11.2020 Наша тема

Не ме боли празната училница колку што ме боли отсуството на силата што ја имаат децата кога се заедно

Како се чувствуваат наставниците? Како ли им е кога поминуваат низ пустите ходници без врева и кога влегуваат во просторијата со празни клупи и столчиња, во која на ѕидовите висат делата што некогаш заеднички и со љубов ги создавале со децата на часовите?

Седум месеци учениците и наставниците живеат „нова нормалност“. Седум месеци се разделени и функционираат во едни поинакви услови, кои до пред пандемијата им беа непознати. Новиот начин на живот нè исправи пред многу предизвици, а она на што психолозите постојано нè потсетуваат е да се грижиме за емоциите и за менталното здравје, за благосостојбата и здравјето на децата.

Но, како се чувствуваат наставниците? Што им недостига на оние кои веќе еден месец секој ден одат на училиште, влегуваат во празна училница и своето знаење го пренесуваат гледајќи во монитор? Како ли им е кога поминуваат низ пустите ходници без детска врева и кога влегуваат во просторијата со празни клупи и столчиња, во која на ѕидовите висат делата што некогаш заеднички и со љубов ги создавале со децата на часовите? Тешко ли им е кога во екраните често гледаат замислени и студени лица, а уште почесто само иницијалите на децата...?

Овие прашања им ги поставивме на професори по одделенска настава и на професори во средно образование. Нивните искрени и емотивни одговори не оставаат простор за рамнодушност.

Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“

Излегувам од празна училница со чувство дека живеам паралелен свет како во серијата „Зона на самракот“

Во новата нормалност ништо не ни фали освен добро здравје! Кога ќе помислам како живеат и работат докторите, да потсетам тоа се оние најхумани професии на кои студирањето не им завршува ни кога ќе стекнат највисоки звања, заедно со сиот медицински персонал лекуваат и спасуваат животи заборавајќи на својот, замолчувам. Кога ќе се сетам дека ние, наставниците, уште на 11 март почнавме со импровизација на онлајн-настава во домашни услови, додека докторите ја почнаа голготата која трае ли трае, пак замолчувам. Во несреќно време нема време за лелекање и критикување, ова е време за почитување и преземање мерки. На сите ни е кристално јасно дека наставата во полна училница е незаменлива, колку што ни е јасно дека моравме да се приспособиме на електронската алтернатива за онлајн-настава за време на пандемија.
Да, има нешто бизарно кога наместо ученици, на екранот ќе видиш нивни иницијали, нешто патетично кога предаваш, а не си сигурен дека учениците те слушаат, нешто трагикомично кога градениот авторитет во училница може да го минираш со еден погрешен клик кој те соголува дека си ,,гол“ за компјутерската технологија и на крај, нешто крајно морбидно кога по седмиот час попладневна смена излегуваш од празна училница, во празен и темен ходник, оставаш книги во празна канцеларија со чувство дека живееш паралелен свет како во серијата „Зона на самракот“.



Сепак, многу потешко им е на децата, тие се комуникативни суштества полни со живот, па кога ќе се ставам на нивно место, дека не може да се дружат, да се гушнат, да ,,запалат по една“ скришно во училишниот двор, да си „фатат“ момче или девојка на екскурзија, да нѐ гледаат в очи кога измислуваат оправдувања за отсуство од час, пак замолчувам. Замолчувам и си повторувам дека ништо не ни фали додека имаме топла манџа, чиста постела и здрави деца. Секој виртуелен час им давам за домашна да си го чуваат здравјето и се одлогирам со ,,останете во добро здравје“.

Зорица Милкова, одделенска наставничка во Основното училиште „Тошо Велков - Пепето“, Кавадарци

Деца мои, за вас чувам безброј прегратки и солзи радосници

Дали е тажно училиштето без ученици? Училиштето се претвори во високата кула во која лежеше заробена Заспаната убавица. Низ годините наназад, со радост, со позитивна енергија и собрани идеи ги украсував ѕидовите на мојата училница. Внимателно, со посебно избрани материјали по цели ноќи спремав нагледни средства и постери и воопшто не чувствував умор. Насмевката и воздишките од возбуда на моите ученици лекуваа сè“ . Чувството не може да се опише.

Помина еден месец од оваа учебна година, месец долг како година. Влегуваш во училишната зграда и наместо детскиот џагор, искрените прегратки и милите детски погледи, ги гледаш празните ходници, колегите кои од маските понекогаш не можеш ни да ги препознаеш, не знаеш дали се насмеани или замислени. А кога ќе влезеш во училницата, те очекува едно големо ништо. Како програмиран седнуваш пред компјутер и со стегнато срце очекуваш вклучување на своите деца со надеж дека се здрави, живи и расположени. Новата „нормалност“ ги измести нашите цели во животот. Ми недостигаат моите ученици, ми недостигаат нивните љубопитни погледи кон мојата катедра, ми недостигаат и прашањата што изникнуваа сосема спротивно од тоа што се бараше од нив. Оваа нова „нормалност“ отсече еден дел од мене.



Се трудам да го прикријам ова мое разочарување, но како што минуваат деновите, чувствувам потреба гласно да викнам. Би сакала да имам едно магично стапче со кое ќе го вратам времето назад или ќе го премотам напред, напред кон едно убаво време каде што насмевките, детскиот џагор и искрените прегратки ќе бидат најтешката задача на децата, време во кое оваа пуста ковид-ситуација ќе биде само еден лош сон, време кога компјутерот ќе биде само помошно средство за размена на мислења и идеи. Се надевам дека ѝ се ближи крајот на оваа нова „нормалност“. Со нетрпение ја очекувам средбата со моите деца, за нив чувам безброј прегратки и солзи радосници. Чувајте се мили мои, сè ќе биде во ред. Ве сака вашата наставничка.

Соња Енџекова-Сопотска, професорка по македонски јазик во гимназијата „Орце Николов“

Ги нема другарските зборувања на часот за симпатиите

Влегувам во училишниот ходник и ме прегрнува крикот на тишината. Професорите наведнати над компјутерите во своите кабинети го тркалаат Сизифовиот камен, што постојано се враќа одново секој ден. Седнувам во мојот кабинет кој наликува на Пандорина кутија во која треба да остане надежта како последна капка во водата на новото „нормално“ и го започнувам часот, плашејќи се дали ,,моите деца“ се во добро здравје, дали ќе успееме да се избориме со самите себе против ова зло. Се обидувам да ја воведам светлината на насмевката која ќе фрли зрак ситна радост и среќа и почнувам со предавањата каде што се гледаат немите лица на учениците, а понекогаш само нивните иницијали.



Не може да се слушне она другарско зборување на часот за некоја симпатија што ја виделе во ходникот, не може да се седи еден до друг, не смеат да се поделат училишните работи, не може да се почувствува искрената љубов од нивните погледи, расправијата за оценките и докажувањето во знаењата. Она што може да се види е изолацијата на нивните чувства и емоции, егоизам и отуѓеност не само од светот, туку и од самите себе плашејќи се за сопствениот „гол“ живот. Оваа нова „нормалност“ длабоко понира во мене и не дозволува да го прифатам овој начин на живот и поради тоа секогаш ја оставам пораката до моите ученици дека во хаосот мора да го создадат својот космогониски мит, каде што нема да ја убијат љубовта, туку со полни гради ќе ја вдишуваат!



Иле Михајловски, oдделенски наставник во Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Свети Николе

Ме боли што оваа „нормалност“ направи образованието за некои деца да биде привилегија, а за некои одземено право

Новата „нормалност“ ми ја зеде моќта како наставник да правам и да создавам чуда за моите ученици. Длабоко верувам дека секој наставник како виртуелен лик од мониторот не е вистинскиот чудотворец кој: ќе ги научи децата да бидат едно големо семејство изградено на морални вредности, ќе ги научи да бидат полни со разбирање, емпатија, алтруисти во време на отуѓеност, ќе го дава знаењето за животот, ќе го следи растењето на своите ученици и ќе биде силна потпора додека се качуваат по секое скалило од животот, ќе биде човекот кој секогаш лесно и од срце ќе ја избрише секоја солза на лицето, ќе ја разбуди радоста во себеоткривањето кај секое дете, ќе ги здружи во сила која ќе биде посилна од сè, ќе го вади и она неоткриеното кај детето и ќе му помогне да се издигне над сопствените верувања и можности, ќе им покаже дека не постои зборот невозможно и дека од секоја слепа уличка се наоѓа излез.



Ме болат празните училници, празните училишни ходници и дворови, ме боли недостигот на детска врева, смеа, ме боли секој тап поглед во мониторот. Ме боли што оваа „нормалност“ направи образованието за некои деца да биде привилегија, а за некои одземено право. Ме боли тагата кај секое дете кое не може да одбира дали повеќе му треба топол оброк, топол дом или компјутер. Ме боли солзата во очите на секој родител кој нема доволно да му даде на своето дете, а сака од душа. Ме болат недовербата и нападите од јавноста кога се верува дека наставникот бадијала ја зема својата плата. Ме боли поделеноста кај родителите во период кога треба да ни бидат најголемиот сојузник во ова време на пандемија. Ме боли што „столбот“ во општеството е разнишан од начинот на гледањето на професијата „наставник“ токму сега, кога секој наставник 24 часа и со работа и со мисла го поминува денот надевајќи се дека ликот од мониторот успеал да допре до своите ученици и да им го даде и знаењето, да им го намали стравот и барем малку да го разбуди „сјајот“ во очите на своите ученици.

Најголемата болка не ми се празните училишта, улици и сивилото, туку отсуството на онаа позитивна разорна сила што ја имаат децата кога се заедно. Поместуваат планини, со својата искреност и директност ги надминуваат сите пречки, па и оваа. Од срце се надевам дека, пред сè, во оваа нова „нормалност“ ќе останат во добро психичко здравје, ќе станат поблиски и силно сплотени со своите родители, а наставникот секогаш ќе најде начин, па и во ова време-невреме, да им биде потпората која отсекогаш и била тука за нив. Постојана, силна, сигурна.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема